Стружанката на 24 март закажала тестирање преку матичниот лекар, материјал и бил земен два дена подоцна, а резултатот бил познат вчера. Било препорачано хоспитализирање, но тоа не се случило, поради што Министерството за здравство најавува ревизија на случајот за да се утврди дали имало лекарски пропуст
Пациентка на 66-годишна возраст од Струга починала утринава од коронавирусот. Таа и нејзиниот сопруг се дијагностицирани позитивни на коронавирус во текот на вчерашниот ден, информира Министерството за здравство.
Пациентката имала срцева болест, хронична белодробна болест и покачен крвен притисок.
Според епидемилошката анкета, семејството на починатата жена непосредно пред прогласувањето на кризната состојба во Дебар (13 март) било на гости во Дебар и имало контакт со еден од таму заболените доктори, а по сознанието дека и тој е позитивен на коронавирус, семејството било во домашна самоизолација.
„Откако се јавиле првите симптоми кај починатата, таа на 24 март закажала тестирање на коронавирус преку својот матичен лекар. Материјал за тестирање е земен на 26 март, а резултатите пристигнале во текот на вчерашниот ден. Поради нагло влошената состојба на пациентката, матичниот лекар уште веднаш препорачал хоспитализација на Инфективното одделение во охридската болница, но до добивањето на резултатите вчера, пациентката не е примена во болница“,
информираат од Министерството за здравство.
Поради ова, Министерството најавува целосно ревизија на случајот за да се утврди дали има лекарски пропуст во овој случај.
Во изминатите 24 часа се регистрирани 22 нови случаи на коронавирус во земјата. По градови: Скопје (9), Куманово (3), Струга (3), Тетово (2), Дебар (2), Прилеп (2), Битола (1). Со ова, вкупната бројка на дијагностицирани пациенти со ковид-19 денеска до 12.00 часот изнесува 241 лице.
Во текот на вчерашниот ден направено е тестрирање и на персоналот на Клинката за кардиологија, сите тестови се негативни на ковид-19.