Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, преку социјалните мрежи го честиташе формализирањето на членството на Северна Македонија во Алијансата порачувајќи дека сиот труд се исплател.
„Добредојде во НАТО Северна Македонија! Патот беше долг, но целиот труд се исплатеше. Формалното зачленување е завршено и мило ни е што ве имаме како 30. земја-членка на нашата Алијанса“,
напиша Столтенберг на Твитер.
Неговата честитка следува откако денеска САД го примија инструментот за пристапување на Република Северна Македонија во Северноатлантскиот договор, со што земјава официјално стана дел од НАТО.
На 30 март, според официјалното соопштение од Алијансата, во седиштетот на НАТО во Брисел ќе се одржи и церемонијата на кревање на македонското знаме покрај знамињата на останатите земји членки. На овој настан ќе присуствуваат Столтенберг, првиот човек на Воениот комитет на Алијансата, Маршал Стјуарт Пич и Зоран Тодоров како претставник на Делегацијата на Северна Македонија во НАТО.
Од Алијансата потсетуваат дека пред денеска земјава во Вашингтон да го предаде инструментот за пристапување кон Северноатланскиот договор, останатите 29 членки го ратификувале Протоколот за пристапување.
Исто така, потсетуваат и на изјава на генералниот секретар дадена во петокот во Брисел во која тој вели: „Северна Македонија сега е дел од НАТО семејството, семејство со триесет нации и речиси една милијарда луѓе. Семејство кое е засновано на сигурност и без разлика со што се соочуваме, заедно сме посилни и побезбедни“.
Северна Македонија, посочуваат од Алијансата, долги години придонесува за нашата евроатланска безбедност, вклучувајќи ги тука и нејзините учества во мисиите предводени од НАТО во Авганистан и Косово.
*Поврзани вести:
Стејт департмент: Членството на Северна Македонија во НАТО е пример за идните аспиранти
Димитров: Со членството во НАТО, никогаш веќе нема да бидеме сами (ВИДЕО)
Шекеринска: Денешниот датум ќе биде впишан во учебниците по историја