Секоја генерација има своја битка. Нашите баби и дедовци се бореа за слобода, нашите мајки и татковци на независност, а нашата битка беше за држава членка на НАТО и Европската Унија, рече министерката за одбрана Радмила Шекеринска во изјава по финализирањето на членството во НАТО на нашата земја.
„Денешниот датум, 27 март, е датум кој ќе влезе во учебниците на нашата земја. Тоа ќе биде датум на првиот голем успех на нашата независна и суверена држава. Таму ќе пишува дека на 27 март 2020 година Република Северна Македонија станала 30-та членка на НАТО-алијансата. Со денешниот финален чин на депонирање на Северноатлантскиот договор во Стејт департментот во Вашингтон станавме полноправна официјална 30-та членка на најмоќниот воено-политички сојуз на денешнината“,
рече Шекеринсска.
Таа вели дека со посветена работа се успева и невозможното да се направи достижно, па затоа сега, по речиси 30 години чекање, нашата земја влегува под чадорот на колективната безбедност кој штити милијарда луѓе во светот.
„Велеа не можеме да ги решиме проблемите со соседите – ги решивме. Велеа невозможно е да го вратиш назад урнисаниот демократски капацитет на нашата земја – го вративме. Велеа дека светот не сака да нè види како дел од меѓународната заедница, меѓутоа, станавме дел од 30-те кои се водечка, одбранбена, стратегиска и политичка сила во светот. Денеска сме членка на НАТО и денеска сме држава која веќе почнува преговори со Европската Унија. Велеа немаме армија за НАТО – ја направивме и го вративме достоинството на армијата и покажавме посветена грижа кон припадниците на армијата и тоа сега е НАТО-армија“,
вели министерката за одбрана.
Таа им се заблагодари на сите поранешни и сегашни припадници на армијата и се заблагодари што и сега се во првите редови на фронтот против опасноста која му се заканува на целиот свет – коронавирусот.