Ахмети нагласил дека земјата од овој процес ќе излезе како победник како што излезе победник со членството во НАТО, без никакви лоши последици за државата
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, денеска се сретна со министерот за надворешни работи на Чешката Република, Јан Липавски.
Како што информираат од партијата, Ахмети му се заблагодарил на Липавски за неговата посветеност и за придонесот на Чешката Република во процесот на отворање на преговорите меѓу Република Северна Македонија и Европската Унија. Ахмети и Липавски заклучиле дека билатералните односи меѓу двете земји се пријателски, а соработката меѓу двете земји треба да продолжи со цел унапредување на заедничката агенда.
На средбата било разговарано и за политичката состојба во земјата и во регионот, скрининг процесот, патот кон интеграцијата во ЕУ, енергетската криза, реформите и борбата против криминалот и корупцијата.
„Двајцата соговорници истакнаа дека од особено значење е процесот на уставните измени да заврши што е можно поскоро за да се елиминираат предизвиканите доцнења за земјата и за нејзините граѓани, додека Липавски додаде дека забрзувањето на евроинтеграциите е во заедничка корист како за Република Северна Македонија, така и за ЕУ, потврдувајќи ја чешката позиција дека Западен Балкан е важен и неделив дел од европското семејство“,
стои во партиското соопштение.
Ахмети нагласил дека земјата од овој процес ќе излезе како победник како што излезе победник со членството во НАТО, без никакви лоши последици за државата.