Сега е момент, вели Ѓорѓиевски, кога секој на дело треба да ја покаже својата благородност и да докаже дека хуманоста и солидарноста е она што нè опишува и е наша движечка сила
Во меѓувреме, и претседателот на Советот на Град Скопје, Трајко Славески, информира дека на 8 февруари (среда), е закажана итна вонредна седница на Советот на која ќе се носи одлука за помош на настраданите во разорниот земјотрес што ги погоди Турција и Сирија
Претседателот на Заедницата на единиците на локална самоуправа (ЗЕЛС), Орце Ѓорѓиевски, апелираше и ги повика градоначалниците од сите општини во земјава, во рамките на финансиските можности на општините да донираат за погодените од разорните земјотреси кои денеска ги погодија Турција и Сирија.
Сега е момент, вели Ѓорѓиевски, кога секој на дело треба да ја покаже својата благородност и да докаже дека хуманоста и солидарноста е она што нè опишува и е наша движечка сила.
„Самиот, како градоначалник на Општина Кисела Вода, веќе поднесов иницијатива до Советот за обезбедување финансиска помош од 500 000 денари за погоденото население од Турција и од Сирија. Остваривме контакт и со Амбасадата на Република Турција во Македонија, на која ѝ понудивме поддршка и од друг тип. Од таму дополнително ќе бидеме известени околу конкретните потреби, па ќе излеземе со адекватна помош за семејствата погодени од разорниот земјотрес“,
вели претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски.
Ѓорѓиевски изрази надеж дека неговиот чекор ќе го следат и останатите градоначалници во земјава, со цел, како што вели, да им се помогне на луѓето во Турција и во Сирија кои за еден миг изгубија можеби сè што имаа.
„Искрено и од срце посакуваме брзо заздравување на повредените, а овие земји што поскоро да ги санираат погодените места од разорниот земјотрес“,
додава првиот човек на ЗЕЛС.
Во меѓувреме, претседателот на Советот на Град Скопје, Трајко Славески, информира дека на 8 февруари (среда) е закажана итна вонредна седница на Советот на која ќе се носи одлука за помош на настраданите во разорниот земјотрес што ги погоди Турција и Сирија.
Попладнево градоначалникот на Општина Струмица, Костадин Костадинов, информира дека осум пожарникари од Територијалната противпожарна единица (ТППЕ) Струмица ќе заминат во спасувачка мисија во турскиот регион кој денеска во два наврати беше погоден од едни од најсилните земјотреси регистрирани во оваа земја во последните неколку децении.
Овие пожарникари, како што соопшти струмичкиот градоначалник, се специјално обучени за вакви непогоди и имаат искуство од спасувачката акција по силниот земјотрес кој пред неколку години ја погоди Албанија.
Денеска, во временски интервал помал од 12 часа, во Турција се случија два потреси со разорна магнитуда. Првиот земјотрес се случи во текот на ноќта додека луѓето спиеја, а беше со магнитуда од 7,8 степени, што го прави еден од најсилните земјотреси во регионот во изминатиот еден век. Вториот, со магнитуда од 7,7 степени според Рихтеровата скала, се случи во 13:24 часот по локално време.
Вкупниот биланс на жртви во земјотресот во Турција и во Сирија, чиј северозападен дел исто така се соочува со сериозен број на загинати од потресот во соседната земја, сега изнесува повеќе од 2.300 луѓе.