„Генерално, Заедницата би била структура за општините со мнозинско српско население да ги координираат прашањата и услугите како што се образованието, здравството, урбаното и руралното планирање и локалниот економски развој – со други зборови, функции за кои сите општини во Косово се одговорни. Тоа е начин за подобрување на секојдневниот живот на граѓаните, градење доверба меѓу етничките Срби и централната власт, обезбедување подобри врски меѓу северот и остатокот од земјата и создавање механизми за Србите да учествуваат повеќе во општествениот живот на Косово“, велат двајцата високи претставници на американската администрација во заеднички авторски текст, објавен во медиумите Коха.нет и „Косев“
Советникот на американскиот Стејт департмент Дерек Шоле и специјалниот пратеник на Соединетите Американски Држави (САД) за Западен Балкан, Грабриел Ескобар, во заеднички авторски текст, објавен во медиумите Коха.нет и „Косев“, повторно повикуваат на формирање на заедницата на општини со српско мнозинство на северот на Косово.

Двајцата дипломати, кои неодамна беа во посета на Белград и Приштина како дел од широкиот дипломатски тим на Европската Унија, велат дека една од најважните цели на САД на Западен Балкан е да помогнат во создавањето услови за „здрави, мирни и стабилни односи меѓу Србија и Косово“.
„Во изминатите недели, заедно со Франција, Германија, Италија и Европската Унија, отпатувавме во Белград и Приштина да ги охрабриме двете страни да го прифатат предлогот на ЕУ за двете земји да ги нормализираат односите, да го прекинат циклусот на криза и конфронтација и решително да ја унапредат нивната европска интеграција. Ова е историска шанса што веруваме дека двете страни треба да ја искористат“,
се вели во нивниот текст.
Претставниците на американската администрација велат дека една од најважните задачи останува спроведувањето на договорот за Заедницата српски општини.
Косово и Србија, со посредство на ЕУ, потпишаа договор за формирање на Заедницата во 2013 година. Уште еден договор беше потпишан во 2015 година. Истата година Уставниот суд на Косово утврди дека договорот не е целосно во согласност со Уставот, но дека спорните членови може да се усогласат со статут, потсетува регионалниот сервис на Радио Слободна Европа (РСЕ).
Србија бара Косово да ги спроведе постигнатите договори, но Владата на Косово се противи на ваквиот концепт.
Шоле и Ескобар во заедничкиот текст велат дека имало многу дискусии за Заедницата, но сега, според нив, е дојдено време јасно да се покаже што претставува оваа заедница, а што не.
„Генерално, Заедницата би била структура за општините со мнозинско српско население да ги координираат прашањата и услугите како што се образованието, здравството, урбаното и руралното планирање и локалниот економски развој – со други зборови, функции за кои сите општини во Косово се одговорни. Тоа е начин за подобрување на секојдневниот живот на граѓаните, градење доверба меѓу етничките Срби и централната власт, обезбедување подобри врски меѓу северот и остатокот од земјата и создавање механизми за Србите да учествуваат повеќе во општествениот живот на Косово“,
стои во авторскиот текст на двајцата дипломати.

Тие потенцираат дека се остро против создавање на каква било етничка структура слична на Република Српска во Босна и Херцеговина и дека меѓународната заедница не сака да го наметнува решението.
„Наместо тоа, бараме од Косово да ја обезбеди својата визија за оваа заедница и подготвени сме да обезбедиме експертиза и политичка поддршка за да се осигураме дека таа работи во најдобар интерес на Косовците“,
велат Шоле и Ескобар.
Тие образложуваат што може, а што не може да биде Заедница на општини со српско мнозинство.
„Општините со заеднички интереси, јазик и култура би можеле поефикасно да работат заедно за да ги решат заедничките предизвици во обезбедувањето јавни услуги, преку економија на обем и размена на најдобри практики“,
велат дипломатите.
Според нив, Заедницата нема да додаде ново ниво на извршна и законодавна власт на Владата на Косово.
„Овој важен принцип датира од предлогот на Ахтисари. Општините соработуваат во заедничкото управување со надлежностите во рамките на легитимните косовски институции и структури. Со тоа што ќе им се дозволи на одредени општини поефективно да ги извршуваат овластувањата што веќе ги имаат, ќе се избегне потребата косовските граѓани да бараат услуги од нелегални паралелни структури – како што многумина сега работат – и ќе ја задржат транспарентноста и законитоста на новата структура во согласност со и во рамките на косовскиот закон“,
се вели во соопштението.
Тие посочуваат дека е битно да се нагласи дека Заедницата на српски општини нема да биде еднонационална.
„Тоа би биле општини со српско мнозинство, каде што живеат не само етнички Срби, туку и други групи – Албанци, Бошњаци и други – чии права исто така мора да бидат обезбедени и заштитени“,
наведуваат Шоле и Ескобар.
Како најблизок пријател и сојузник на Косово, говорејќи во името на САД, двајцата дипломати изразуваат уверување дека, работејќи на формирањето на Заедницата, Косово ќе го исполни критичниот елемент неопходен за градење на својата праведна иднина како суверена, мултиетничка и независна држава интегрирана во евроатлантските структури.
„Подготвени сме да го поддржиме Косово во исполнувањето на оваа обврска и ќе бидеме со него цело време. Иднината на Косово и Србија – и нивната младина која сега бара можности во странство – може да биде светла во Европа која е навистина `цела, слободна и во мир`. Ова е момент што треба да го искористиме заедно“,
порачуваат Шоле и Ескобар.