Операторот ќе треба да направи и градежни активности со цел да се исполнат ХАСАП-стандардите, да набави нови маси, столови, прибор за јадење и чинии, како и да служи храна само кога ќе има потреба од тоа, рече Спасовски
Во јавната набавка за обезбедување храна за полицијата нема ништо спорно како од процедурален, така и од законски аспект. Направена е врз основа на анализа и економска оправданост која е основа за да се распише каква било јавна набавка во делот за набавка на храна. Ова беше одговорот на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на прашање на пратеникот Драган Ковачки од ВМРО-ДПМНЕ.

Министерот Спасовски категорично ја негираше констатацијата дека по првпат во историјата на независна Македонија се дава објект за исхрана на приватна компанија која треба да снабдува некоја единица.
„Не е точно, зашто објектот кој беше земен под закуп, надвор од касарната ‘Илинден’, за таму да биде служена храна на Специјалната антитерористичка единица ‘Тигар’, цело време функционираше со оператор кој е од надвор. За цело време на 12-годишното владеење на ВМРО-ДПМНЕ беше склучен договор со кафеана од Скопје. Не со фирма, туку со кафеана! Без никакви стандарди, без никаква гаранција и без никакво осигурување што се однесува на користењето на храна, доколку се случи во одредени ситуации да имаме труење со храна”,
рече Спасовски додавајќи дека сега, по повеќе од 40 години од основањето на Единицата, разликата е јасна.
Сега, како што рече Спасовски, не треба до крај да се искористи проценетата вредност, туку толку колку што ќе има потреба.
„Ќе нема вработени во МВР кои ќе работат во кујна, туку вработени од компанијата, постои банкарска гаранција за квалитетно и навремено извршување на работите и постои осигурителна полиса за секој корисник на овие мензи – доколку нешто се случи, да биде наплатена штета“,
додаде Спасовски.
Спасовски прецизира дека операторот ќе треба да направи и градежни активности со цел да се исполнат ХАСАП-стандардите да набави нови маси, столови, прибор за јадење и чинии, како и да служи храна само кога ќе има потреба од тоа.
„Ако досега, во Центарот за обука, кога нема кандидати на обука, сме имале вработени за кои се исплаќа плата, се троши греење, електрична енергија, сега, кога ќе нема кандидати, ќе нема таков трошок. Односно, нема да има нарачка на храна и нема да има трошоци. Анализата покажува дека оброкот сега и оброкот добиен со цената на оваа јавна набавка во Полицискиот центар во Ѓорче Петров на два анализирани оброци по мени ќе има помала цена од 6 до 9 отсто, додека во Центарот за обука, поради периодот во кој не се работи, цената ќе биде и до 30 отсто помала“,
посочи Спасовски.
Во цената на еден оброк, како што рече Спасовски, не влегува само набавената храна, туку и пијалаците, марендата, електричната енергија која сега ќе ја покрива операторот, вработените на кои се исплаќаат плати и придонеси, како и чистењето на објектите.
„Може да разговарате со полициски службеници да видите каква исхрана имало претходно и каква има сега и да кажат дали се задоволни или не. Истото тоа може да го направите и кога ќе почне операторот да работи во Центарот за обука и во Полицискиот центар во Ѓорче Петров“,
порача Спасовски.
Министерот рече дека е точно оти во мандатот во кој тој раководи со МВР се обновени кујните по најсовремени стандарди, и тоа не само кујните, туку целосно се реновирани 78 објекти по најнови стандарди за заштита на животна средина и енергетска ефикасност.
Минатата недела, поранешниот технички министер за внатрешни работи Наќе Чулев обвини дека МВР доделила милионски бизнис на приватна фирма за набавка на храна иако има свои кујни.
Тој на прес-конференцијата презентираше и договор за набавка на храна за Центарот за обука во Идризово, велејќи дека МВР ќе потроши до 440 милиони денари.
„Договорот е склучен помеѓу МВР на Оливер Спасовски и фирмата ’Индустри сервис‘, а со кој му се дава право на МВР да потроши до 440 милиони денари, односно 7 милиони и 150 илјади евра за исхрана.
рече Чулев.
По ова веднаш реагираа од СДСМ кои рекоа дека и на демантирани лаги ВМРО-ДПМНЕ продолжува да шири лажни вести.
