Транспарентноста и секојдневната соработка и почит кон медиумите, рече Ковачевски, е неговиот и владин принцип на работа и тука не треба да постои никаква дилема, правејќи во овој контекст споредба со односот на Владата кон медиумите за време на владеењето на Никола Груевски
Премиерот завчера прашан како ја коментира изјавата на неговиот коалициски партнер, лидерот на ДУИ, Али Ахмети, дека Алфа и Телма се „непријатели на Албанците“, и самиот искритикува некои телевизии за тоа како се однесуваат, но без да наведува имиња на медиуми
Премиерот Димитар Ковачевски денеска изјави дека доколку некој медиум се препознал во тоа што тој го кажал на прес-конференцијата од пред два дена, и притоа има потреба од од извинување, тогаш, како што рече, го има неговото извинување.
Имено, премиерот завчера прашан како ја коментира изјавата на неговиот коалициски партнер, лидерот на ДУИ, Али Ахмети, дека Алфа и Телма се „непријатели на Албанците“, и самиот искритикува некои телевизии за тоа како се однесуваат, но без да наведува имиња на медиуми.
„Сигурно господинот Ахмети таа изјава ја дал врз основа на одредени факти и за објаснување ќе треба да го прашате него бидејќи за медиумите и јас имам свое лично мислење, така што единствено можам да кажам за моето лично мислење за тоа како одредени медиуми се однесуваат. Тоа ќе го прашате господинот Ахмети. Што се однесува до мене, можам да кажам дека во државата има медиум чија уредувачка политика повеќе наликува на уредувачка политика која тргува со енергенси, а има и медиум чија уредувачка политика повеќе личи на уредувачка политика на партиски сектор за комуникација“,
рече Ковачевски на прес-конференцијата во Владата пред два дена.
Од денешниот негов одговор на прашањето дали ќе им се извини на телевизиите Алфа и Телма и како ќе им објасни на европските партнери дека етикетирал две телевизии, забележливо беше дека премиерот посебно се подготвил за елаборација на оваа тема за денешната прес-конференција. Тој постојано се консултираше со хартиените белешки на пултот пред себе, а според времетраењето на неговото излагање тој можеби најдолго се задржа на оваа тема од сите други прашања кои му беа поставени.
Ковачевски посочи дека со должна почит и внимание ги прочитал реакциите на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и на останатите релевантни институции од областа на регулацијата на медиумите.
„Ве уверувам дека истите ќе се основа за понатамошно унапредување на условите за работа и на медиумите и на новинарите и на известувањето. Слободата на медиумите од една страна и објективното новинарско известување од друга во демократско општество се исклучително важни и особено потребни за да се одржи и развива демократијата. За да го исполниме ова, ние како политичари имаме одговорност да создадеме простор за слободно и непристрасно делување на медиумите, услови преку кои ќе се обезбеди јакнење на слободата на медиумите, независност на уредувачките политики и самостојност на нивното работење. Од друга страна, новинарите, имајќи го предвид јавниот интерес имаат обврска објективно и целосно да ја информираат јавноста. Би сакал да повторам дека јас не посочив ниту еден медиум конкретно и тоа може лесно да се потврди преку снимката која што ја има од прес-конференцијата која беше токму во ова иста сала. Но, сепак доколку некој се препознал во тоа што го кажав и ако тоа е вистина и притоа има потреба од извинување тогаш го има моето извинување“,
рече Ковачевски на денешната прес-конференција, на која со вицепремиерот Бојан Маричиќ ги презентираат досегашните резултатите од скрининг процесот со Европската Унија (ЕУ).
Транспарентноста и секојдневната соработка и почит кон медиумите, рече Ковачевски, е неговиот и владин принцип на работа и тука не треба да постои никаква дилема, правејќи во овој контекст споредба со односот на Владата кон медиумите за време на владеењето на Никола Груевски.
„Мора да сум многу јасен дека не постои професија која јас не ја почитувам и ценам. Во контекст на вашата работа моето секојдневно појавување во јавноста никогаш од претходно не било договорено со некој уредник или новинар, не било договорено какво прашање да ми се постави, никогаш не било догорено што не треба да ме прашаат новинарите. Никој од партијата која што ја предводам или Владата не доставил готов прилог да биде прочитан во вести. Ниту некој министер ниту јас лично сум се јавил на уредник, сопственик на медиум по кој редослед да се емитуваат прилозите во вестите. Немало средба или настан со медиуми каде јас не сум одговорил на нечие прашање“,
рече Ковачевски.
Тој потенцираше дека лично стои зад тоа дека треба да продолжи унапредувањето на демократијата и медиумите да продолжат да бидат растоварени од какви било влијанија без разлика дали се тоа политички или бизнис-влијанија.
„И така и ќе остане во иднина“,
подвлече Ковачевски.