Без некоја поактивна улога на сите сегменти на власта, мислам на Владата, Собранието, судството, тешко дека ќе има некое посериозно подобрување. Ние требаше да чекаме да ни сигнализираат и да ни упатуваат критики Амбасадата на САД, ЕУ итн. за да се освестиме дека состојбата не е добра, изјави Зибери

Народниот правобранител Насер Зибери се сомнева дека има доволна спремност, капацитет и ресурси во надлежните институции да се промени состојбата со ниската доверба на граѓаните во правосудството. Сомнежот за капацитетите на правосудството што го изрази Зибери доаѓа по укинувањето на пресудата на Апелацискиот суд за предметот „Таргет-Тврдина“.
Зибери, коментирајќи ја анкетата што вчера ја објави ИРИ за падот на довербата на граѓаните во правосудството, на денешната прес-конференција појасни дека тука пред сè мисли на републичкиот Судски совет и Советот на јавни обвинители.
„Без некоја поактивна улога на сите сегменти на власта, мислам на Владата, Собранието, судството, тешко дека ќе има некое посериозно подобрување. Ние требаше да чекаме да ни сигнализираат и да ни упатуваат критики од страна на Амбасадата на САД, ЕУ итн. за да се освестиме дека состојбата не е добра“,
изјави Зибери.
Во однос на заштита на човековите права во областа на правосудството, Зибери посочи дека најголем број на претставки до институцијата Народен правобранител доаѓаат токму од оваа област, односно судството, правосудството, со подобластите како што се основни судови, извршители, адвокати, нотари итн.
„Таа бројка, со денешниот пресек не ја знам, но сигурно е над 400 претставки, од кои скоро половината се однесуваат на работата на извршителите. Значи судовите и извршителите доминираат по бројот на претставки од граѓаните“,
додаде Зибери.
Според нашите проценки, бидејќи годината сè уште не е завршена, додаде Зибери, предвидувањата се дека вкупниот бројот на претставки во правосудството оваа година ќе биде над 3 000, и тоа е зголемување за 10 отсто во однос на минатата година.
„По области најмногубројни претставки се во делот на правосудството, па потоа се работните односи, детските права, социјалната заштита“,
рече народниот правобранител.