Ниту претседателот ниту министрите, велат од одбраната на Мијалков не се тие што треба да носат одлуки, туку тоа се судиите кои дале заклетва дека ќе делат правда. За притисоците и мешањето во судската власт најавуваат дека ќе реагираат до ЕСЧП во Стразбур зашто сметаат дека Мијалков не може да добие фер кога има ваква хајка против судиите
Одбраната на поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, ја поздрави одлуката на Апелацискиот суд Скопје за укинување на пресудата за „Таргет-Тврдина“ и враќање на предметот на повторно судење пред првостепениот суд. Според адвокатскиот тим на Мијалков, ваквата пресуда е законита, праведна и заснована на доказите и фактите кои тие ги навеле во жалбената постапка.
„Во текот на целата главна расправа, одбраната укажуваше на бројните повреди на законот. Повреди кои доведоа до неоснована и правно неиздржана пресуда. Наместо да одговори на сите отворени прашања околу незаконското следење на комуникации, Основниот суд без аргументи и без докази донесе осудителна пресуда против нашиот клиент. Пресуда за која беше јасно дека нема да ја издржи проверката во повисокиот суд. Актуелните политички напади врз судскиот совет во Апелациониот суд во Скопје, кој одлучуваше по поднесените жалби за предметот, се неприфатливи и заслужуваат најсериозна осуда“,
велат од одбраната на Мијалков.
Ниту претседателот на државата, ниту министрите во владата, порачуваат, не се тие кои треба да носат судски одлуки тоа право им припаѓа исклучиво на оние кои дале заклетва дека ќе делат правда.
Во реакцијата тие потенцираат и оти е недозволиво вакво мешање во судската власт кое го урива интегритетот на судството.
„За ваквите притисоци и мешање во судската власт ќе го информираме и Судот за човекови права во Стразбур, бидејќи цениме дека со тоа се нарушуваат правата на нашиот клиент за фер и правично судење кое во ваква атмосфера и хајка врз судиите е невозможно тоа да се добие“,
пишува во реакцијата од одбраната на Мијалков.
Со првостепената пресуда ексшефот на УБК беше осуден на 12 години затвор. Меѓутоа, петчлен совет во Апелација, како што вчера објавија од второстепениот суд, донел одлука за укинување на пресудата бидејќи смета дека првостепениот суд при постапувањето по овој предмет сторил суштествени повреди на одредбите од Законот за кривичната постапка кои се од апсолутен карактер, а на кои овој суд внимава по службена должност.
Судиите кои ја донесоа ваквата одлука се: Јани Нича – претседател на петчлениот совет; Енвер Беџети – судија известител; Ѓоко Ристов, Тања Милева и Лидија Чачева.
*Поврзани вести:
- „Таргет-Тврдина“: Судскиот совет не може да ја оценува одлуката на Апелација, но ќе го „чешла“ постапувањето на судиите
- Пендаровски шокиран од одлуката на Апелација за „Таргет-Тврдина“: Ова е пораз за правната држава
- Ковачевски за „Таргет-Тврдина“: Вчерашниот ден беше тежок да се проголта, ден на пораз на правната држава
- Грковска со остра реакција за укинувањето на пресудата за „Таргет-Тврдина“, ја повика Апелација детално да ја образложи одлуката
- Ако судиите од Апелација немаат аргументи за „Таргет-Тврдина“, ќе бидат именувани и засрамени од ЕК, смета Османи
- Спасовски: Укинувањето на пресудата за „Таргет-Тврдина“ е понижувачка и упатува на губење на довербата на граѓаните во системот
- Заев: Ги повикувам сите надлежни од правосудството да не дозволат да застарат делата на Мијалков
- Димитров: Срам за судството, одлуката на Апелација за „Таргет-Тврдина“ е резултат на клиентелизмот
- ВМРО-ДПМНЕ за одлуката на Апелација: Одговори да се бараат кај Ковачевски и неговите сопартијци кои градеа кариери на случајот поврзан со Мијалков
- Таравари за „Таргет-Тврдина“: Државата капитулира пред криминалот, единствена надеж е шок-терапија од САД