Според премиерот, ако се погледне содржината на дојавите за бомбите, многу е јасно дека во Европа постојат две страни – едната која вели дека помалите држави немаат право да одлучуваат за својата иднина и дека може да ги нападне кој било и да бара промени на влади и уредувања и другата страна која му припаѓа на демократскиот свет, која е дел од НАТО и ЕУ
Премиерот Димитар Ковачевски на денешната прес-конференција образложи зошто власта смета дека дојавите за бомби не се изолирани случаи кои ги праќаат некои адолесценти или хакери, туку станува збор за хибридна војна, па наведе дека станува збор за закани кои се со висок интензитет и ист модел во повеќе држави.
„Кога се организирани со ваков интензитет, со толку широк опфат, со таргетирање на места, институции, објекти и градови со голем број жители, каде што се повторува моделот на пораки кои се исти во повеќе држави, а се исти во многу држави, тогаш може да се постави претпоставка дека се работи за хибридна војна. Ако е изолиран случај на адолесценти, на хакери, тогаш нема во толку многу држави на толку исти институции во толку исти денови, со толку ист интензитет да се случуваат ако се изолирани случаи“,
рече Ковачевски.
И тој потврди дека надлежните сектори во МВР работат на ова прашање во координација со партнерските служби од НАТО, а и потсети дека пораките кои денеска се пуштени кај нас се исти како и пораките кои се праќаат во Црна Гора или други држави.
„Ова што се случува во Европа е најголемиот воен конфликт што се случува по Втората светска војна. Се води војна заради нападот на Русија врз Украина, и тоа на помалку од 1 000 километри од нашата држава. Со оглед на средствата за комуникација кои се достапни денес во 2022 година, споредено со она што било достапно во 1941 година кога не биле можни хибридни војни и сајбер напади, за очекување е дека ова е дел на она што се случува на европскиот континент. Доколку ја гледате содржината на дојавата за бомбите многу е јасно дека во Европа постојат две страни – едната која вели дека не треба државите сами да го определуваат својот демократски пат како што тоа и е ускратено на Украина, дека немаат право помалите држави сами да одлучуваат за својата иднина, дека може да ги нападне кој било и да бара промени на влади и уредувања и друга страна на која ние и припаѓаме, на демократскиот свет, страна која е членка на најголемиот одбранбен сојуз во светот и која се состои од членки на ЕУ и на оние коишто ќе бидат членки на Унијата како што е нашата држава“,
вели Ковачевски.
Денеска цел на дојавувачите беа 10 училишта во Скопје и пет во Битола, Меѓународниот аеродром Скопје, хотелите „Александар Палас“, „Мериот“ и „Сенигалија“, салата „Борис Трајковски“, Националната арена „Тодор Проески“, Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) и трговскиот центар „Ист гејт мол“.
Досега се завршени проверки на скопскиот аеродром, „Ист гејт мол“, „Мериот“, „Сенигалија“, „Борис Трајковски“ и во дел од училиштата, и утврдено е дека станува збор за лажни дојави.
*Поврзани вести:
- Дојави за бомби во ФФМ, „Ист гејт мол“ и на скопскиот аеродром, откажани сите летови
- Дојава за бомба и во „Александар палас“ каде што требаше да се појават Ковачевски, Бектеши и Бесими
- Дојави за бомби и во „Мериот“, 15 школи во Битола и Скопје
- (ФОТО) Евакуирана и арената „Тодор Проески“ поради закана за бомба
- Заканите за поставени бомби на скопскиот аеродром и во дел од училиштата се лажни, потврди МВР
- Османи: Вчера ги информиравме структурите на НАТО за дојавите за поставени бомби