Министерството за одбрана на Република Северна Македонија да донира зимска опрема на Министерството за одбрана на Украина која ќе се состои од ветровки, џемпери и ќебиња
Владата на денешната 106-та седница донесе одлука Министерството за одбрана на Република Северна Македонија да донира зимска опрема на Министерството за одбрана на Украина.
Имено, како што соопштија од владината прес-служба, зимската опрема се состои од ветровки, џемпери и ќебиња.
Македонија претходно и донираше тенкови на Украина, која бараше од западните и НАТО-партнерите да ѝ помогнат со воена опрема.
Од Министерството за одбрана тогаш посочија дека согласно владините одлуки во неколку наврати е донирана воена опрема на Украина и дека тоа било во координација со сојузниците, при што повторуваат дека Северна Македонија како членка на НАТО го почитува територијалниот интегритет, суверенитет и правото на самоодбрана на Украина, како и дека остро ја осудува руската агресија.
Михајло Подољак, главниот советник на украинскиот претседател Володимир Зеленски, преку објава на Твитер напишана на македонски јазик се заблагодари за помошта која од македонска страна стигнува за Украина, за време на руската воена инвазија во оваа земја.