Дамева вели дека досега не слушнала за судски бизнис-елити за кои нејзината претходничка, Павлина Црвенковска, кога поднесе оставка тврдеше дека постојат и посакувале нејзина смена. Таа ќе бара од Црвенковска да се изјасни околу ова на седница или на работен состанок, а за себе тврди дека никогаш немала влијанија или притисоци, како и дека не била член на СДСМ и на правната комисија во оваа партија

Ќе направам и по две години, кога истекува претседателскиот мандат, колегите да бидат горди со денешното гласање и ќе докажам дека сум успеала во мојата визија и мисија заедно со нив, порача Весна Дамева во првото обраќање во јавноста откако денеска со 10 гласа „за“ и еден „против“ беше избрана за нова претседателка на Судскиот совет.
Првиот приоритет, нагласи таа, ќе ѝ биде расчистување со корумпираните судии за кои, како што нагласи, излезната врата ќе биде ширум отворена.
„Приоритет на Судскиот совет и мој личен приоритет е да успееме да направиме чекор напред во борба против корупцијата. Знаете дека Судскиот совет донесе Акциски план, верувам дека сте запознаени. Еден од првите мои чекори ќе биде да почнеме со имплементација на тој план. Има начини, има механизми. Злото наречено корупција мора се сузбие и тука нема простување. Оној судија што ќе биде корумпиран врз основа на утврдени факти и докази, за него ќе биде широко отворена вратата за надвор за излез од судството. За корумпиран судија нема да има поправен испит, нема да има втора шанса, нема да има поблага казна – едноставно ќе му биде речено ’не, ти не заслужуваш да бидеш судија‘“,
рече Дамева.
Како втор приоритет таа наведе дека ќе биде завршување на процесот на унапредување судии во повисоките судови. Тој процес, вели таа, ќе биде завршен час поскоро.
„Третиот приоритет кој стои пред мене како предизвик е транспарентноста и отчетноста. Ве уверувам дека Судскиот совет од денес е отворен за вас медиумите бидејќи вие сте единствен коректор за нашата работа и со ваша помош може да успееме, а за таа цел треба да бидеме нонстоп достапни за вас“,
им рече Дамева на новинарите.
Дамева ќе бара од претходната претседателка да каже за судско-бизнис елитата
Новата претседателка дојде на местото на Павлина Црвенковска која минатата недела поднесе оставка, а во соопштението што го испрати во јавноста наведе дека веднаш по нејзиниот избор на функцијата започнала медиумска хајка со крајна цел да даде оставка затоа што нејзиниот избор за претседател не одговарал на група од „судско-бизнис елитата“. Дамева, пак, вели дека тогаш за првпат ја слушнала кованицата „судски бизнис-елита“.
„Таа кованица јас за првпат ја слушнав во изјавата на сега веќе членот на Судскиот совет, Павлина Црвенковска. Не знам врз основа на кои факти и докази тоа го кажува, ќе мора тоа прашање да го упатите лично кон неа. Можеби се работи за нејзина лична перцепција, за нејзини согледувања, не знам. Но за мене е загрижувачки што доколку како претседател на Судскиот совет или кој било од нас како член, знае, имал сознание, дознае бил должен веднаш да го извести Советот бидејќи тој во своите надлежности има механизми тоа понатаму да го процесира, а и да ги извести надлежните институции. Ова криење, бидејќи во изјавата кажа подолг период, остава само сомнеж за поинакво размислување“,
вели Дамева.
Јас како член, додаде таа, досега ниту сум имала влијание ниту притисоци, ниту ќе дозволам тоа да се случи. Од Црвенковска, пак, наведе ќе побара да каже детали.
„Интегритетот е единствениот одбранбен штит во насока на влијание или какви било притисоци. Ако како член, сега и претседател имам такви притисоци и влијанија јавно ќе известам за тоа. Меѓутоа, не е доволно само да се дознае, треба и да сузбие тоа, ако остане несузбиено ништо од тоа, нема да има напредок. Како претседателка ќе побарам од членот на Советот, Павлина Црвенковска, по нејзиното враќање од боледување да каже. По утврдување на сите факти и докази, не само јас, верувајте и останатите членови ќе сакаат да се преземат дејствија се со цел да се заштити личниот интегритет и интегритетот на институцијата“,
рече новата претседателка.
„Не сум припадник на СДСМ“
Одговарајќи на новинарски прашања, Дамева тврдеше и дека не е член на СДСМ ниту пак била дел од правната комисија во оваа партија во моментот кога била избрана.
„Кога станав член на Судскиот совет, па и денес ниту сум била член на политичка партија ниту сум извршувала партиска функција. Претпоставувам вашето прашање се должи на една фотографија што излезе во јавноста, но знаете како, фотографија на кој било од нас со одредени лица од политиката, разни лоби груби или бизнис заедницата не може да остават етикета и да стекнат впечаток дека сум припадник на политичка партија. Јас со мојата работа и како член на Судскиот совет докажав дека не сум припадник никаде, имам интегритет, стручност и знаење, тоа ми е патоказ во натамошната работа и ве уверувам дека пред мене единствено стои законот и никој друг“,
рече Дамева.
На дополнително прашање дали тврди дека не била дел од правната комисија на СДСМ таа повторно ја употреби истата формулација дека кога ја избрале за член на Советот не била член на која било партија.
Од 11 присутни членови на Советот, вклучително и самата Дамева, единствена која гласаше против беше Лорета Горгиева.
Дамева стана дел од Судскиот совет во декември 2019 година, беше избрана од Собранието, а по предлог на претседателот Стево Пендаровски.
Таа е магистер е по кривично право и има положен правосуден испит, а целото работно искуство го има стекнато во Основниот кривичен суд Скопје. Таму се вработила во 2002, прво како приправник, а потоа и како стручен соработник. Во текот на својата работа, според биографијата објавена на веб-страницата на Судскиот совет, била распоредувана во повеќе одделенија на судот, а одреден период била и стручен соработник на претседателот на судот, овластено лице за постапување по претставки и поплаки и овластено лице за посредување со информации од јавен карактер.