Уште синоќа, како што пренесува новинската агенција БГНЕС, бугарските дипломати детално го информирале раководството на Европската комисија (ЕК) за инцидентот во Охрид
Македонската амбасадорка, Агнеса Руси – Поповска во Софија денеска ќе биде повикана во Министерството за надворешни работи каде ќе и биде врачен остар демарш поради вооружениот напад на бугарскиот културен клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид, јавуваат бугарските медиуми.
Уште синоќа, како што пренесува новинската агенција БГНЕС, бугарските дипломати детално го информирале раководството на Европската комисија (ЕК) за инцидентот во Охрид.
Вчера вечер во охридската полиција беше пријавно оштетување на стаклото на бугарскиот клуб направено од огнено оружје.
Полициските екипи при СВР Охрид кои излегоа на местото на настанот утврдија дека на стаклото од надворешната врата и стаклото од излогот на канцеларијата има две оштетувања направени од оружје, изјави портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски.
Бугарските медиуми објавија видео-снимка од нападот на клубот, по кој на местото веднаш пристигнал и бугарскиот конзул во Битола, Димитар Иванов.
Министерството за надворешни работи на С Македонија уште синоќа најостро го осуди вандалскиот чин, изразувајќи особена загриженост поради фактот што ваквите активности се повторуваат во многу краток период.
„Ваквите настани се целосно неприфатливи, можат да загрозат човечки животи, и ги засилуваат ретроградните процеси кои се во спротивност со европските интеграции на земјава“,
се вели во соопштението од македонското МНР.
Оттаму повикаа надлежните институции да ги истражат околностите под кои се случиле овие вандалски активности и да преземат итни мерки за откривање на сторителите, како и да преземат дополнителни превентивни активности со цел да се обезбедат соодветни услови за непречено одвивање на активностите на овој и сите други граѓански клубови и здруженија во земјава.
Истовремено, од МНР, апелираат до сите граѓани за одговорно однесување и почит кон правата и слободите на другите, напоменувајќи дека мултиетничкиот карактер на нашата држава е една од темелните вредности на уставниот поредок, кое претставува право и обврска за секој од нас.
Ова е трет пат да биде оштетен овој клуб. Пред два дена прозорците од просториите на клубот „Цар Борис Трети“ беа оштетени. Инцидентот се случил ноќта помеѓу 20 и 21 ноември меѓу 1 и 2 часот по полноќ, кога прозорците на просторијата биле искршени со камења, по што полицијата извршила увид.