Од СВР Охрид потврдуваат дека вечерва во 19:12 часот било пријавено оштетување на стакло на канцеларијата на здружението „Цар Борис Трети“
Локален охридски портал вечерва на својот Инстаграм профил објави видео на кое се гледа како полициски службеници се присутни кај бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид.
Според информациите на порталот „Охрид 1“ полицискиот увид се врши затоа што имало повторно оштетување на просториите на клубот.
Информациите за оштетувањето на клубот подоцна ги потврди и портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димовски.
Според него, вечерва во 19:12 часот во СВР Охрид било пријавено оштетување на стакло на канцеларијата на здружението „Цар Борис Трети“, лоцирана на булеварот „Македонски Просветители“ во трговскиот центар Амам во Охрид.
„Полициски екипи при СВР Охрид излегоа на местото на настанот при што е утврдено дека на стаклото од надворешната врата и стаклото од излогот на канцеларијата има две оштетувања направени од оружје“, изјави Димоски за МИА.
За настанот бил известен јавен обвинител од ОЈО Охрид, по чии насоки се преземаат мерки за расчистување на настанот.
Ова е трет пат да биде оштетен овој клуб. Пред два дена прозорците од просториите на клубот „Цар Борис Трети“ беа оштетени. Инцидентот се случил ноќта помеѓу 20 и 21 ноември меѓу 1 и 2 часот по полноќ, кога прозорците на просторијата биле искршени со камења, по што полицијата извршила увид.
По инцидентот, Министерството за надворешни работи на Бугарија во реакција изрази најостра осуда за демолирањето на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид и порача дека со овој чин на злосторство е извршена уште една омраза врз Бугарите во земјава.
Првиот инцидент беше по отворањето кога беше оштетена таблата со името на клубот.