Оттаму обвинуваат и оти власта троши милиони за привилегии додека граѓаните не можат да ги покријат основните трошоци
Откако Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) по третпат поднесе Предлог-закон за зголемување на минималната плата на 600 евра, односно 36.960 денари, во партиско соопштени, оттаму обвинија дека додека премиерот Христијан Мицкоски ужива во луксуз со часовници од 60 илјади евра и костуми од пет илјади евра, македонските работници едвај врзуваат крај со крај.

Според нив, сумата од 600 евра е неопходниот минимум за македонските работници да можат да живеат достоинствено од сопствениот труд. Во образложението за потребата од повисоки примања, од СДСМ посочуваат дека цените на храната и горивата го достигнуваат плафонот, поради што актуелната минимална плата од околу 26 илјади денари е апсолутно недоволна за нормален живот. Тие се повикуваат на податоците дека синдикалната кошничка изнесува 70 илјади денари, додека месечните трошоци, доколку се вклучи кирија или станбен кредит, надминуваат 90 илјади денари.
„Сегашната минимална плата покрива само 31% од основните месечни трошоци на едно семејство а речиси цела минимална плата, околу 25 000 денари, е потребна само за храна и безалкохолни пијалаци. Кога на тоа ќе се додадат околу 7 000 денари за училишен прибор, 5 000 денари за превоз, 6 000 денари за облека и дополнителните трошоци за здравство, јасно е дека работничките семејства не можат да врзат крај со крај. Затоа СДСМ по третпат го поднесе Предлог-законот за зголемување на минималната плата на 600 евра, односно 36 960 денари“,
велат оттаму.
Од СДСМ тврдат дека пари во државниот буџет има, но дека Владата ги троши за погрешни намени како одвојувањето на 5,5 милиони евра за прослави, како и планираните 100 милиони евра за владин авион, нов мебел, службени автомобили и функционерски привилегии. Од СДСМ апелираат власта веднаш да скрати од сопствениот луксуз и тие средства да ги пренамени за заштита на животниот стандард на граѓаните, порачувајќи дека на работниците им е потребен достоинствен живот, а не секојдневна борба за голо преживување.
