Во врска со настан во Куманово регистриран на видео снимки објавени на социјалните мрежи, Основното јавно обвинителство Куманово постапува по кривична пријава против вкупно 17 лица

Јавното обвинителство поведе постапка за лица кои беа вмешани во случај со насилство во Куманово.
„Во врска со настан во Куманово регистриран на видео снимки објавени на социјалните мрежи, Основното јавно обвинителство Куманово постапува по кривична пријава против вкупно 17 лица“,
се наведува во соопштението од ЈО.
Против 10 пријавени, се додава во соопштението, надлежен јавен обвинител веќе поведе постапка за кривично дело – Насилство од член 386 став 2 од Кривичниот законик.
„До судијата на претходна постапка од Основниот суд Куманово за овие лица е поднесен предлог за определување мерки за претпазливост – забрана за напуштање на живеалиште, привремено одземање на патната или друга исправа за преминување на државната граница и обврска повремено да се јавуваат во суд. За останатите пријавени, меѓу кои има и малолетни лица, одлуката за натамошниот тек на постапката ќе биде донесена в понеделник“,
се додава во соопштението.
Снимките беа споделени на социјалните мрежи, а потоа и Министерството за внатрешни работи потврди дека уапсила девет лица на возраст од 18 до 23 години кои биле вмешани во случајот со насилството во Куманово, а на службен разговор дополнително биле повикани и тројца малолетници.
Како што соопшти МВР, тие се осомничени дека на 14 ноември на улицата „Карл Маркс“ во Куманово со тврди предмети му го оштетиле возилото на 20-годишник со иницијали Б.Ш. од Куманово. Тој, пак, во обид да избега предизвикал сообраќајна незгода удирајќи во паркирано возило.
Дополнително, од МВР додаваат дека во недоразбирањето немало меѓуетнички елементи.
За случајот претходно партијата Алијанса за Албанците обвини за физички напад на етничка основа извршен од страна на маскирани лица, кој се случил во Куманово, и ги повика надлежните институции да ги фатат и казнат напаѓачите на, како што велат од партијата, младите Албанци.
Оттаму посочија дека овие сцени се слични на оние од пред неколку години од „поранешниот режим, кога настрадаа многу граѓани, главно млади луѓе“.