Состанокот на земјите членки на НАТО следува откако полските власти вчера ги потврдија објавите во медиумите оти во експлозија во источна Полска загинале две лица
НАТО денеска ќе одржи итен состанок поради експлозиите во источна Полска, во близина на границата со Украина, во кои загинаа две лица, соопштија двајца претставници на НАТО и еден европски дипломат.
Со состанокот на амбасадорите на НАТО во Брисел ќе претседава генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг. Според најавите, по состанокот тој ќе одржи прес-конференција околу 12:30 часот по средноевропско време.
Полските власти вчера ги потврдија објавите во медиумите оти во експлозија во источна Полска загинале две лица, но не кажаа дали експлозијата ја предизвикале руски проектили.
Американскиот претседател Џо Бајден изјави дека проектилот што усмрти две лица во Полска веројатно не бил истрелан од Русија.
Американскиот претседател изјавата ја даде по разговорот што ги имаше во Индонезија со лидерите на Г-7 (Канада, Франција, Германија, Италија Јапонија и Обединетото Кралство), како и претставници на ЕУ и Европскиот Совет и премиерите на Шпанија и Холандија – членки на НАТО. Тој вети поддршка за Полска да ја спроведе истрага за, како што рече, ракетата од руско производство.
Агенцијата Асошиејтед прес, повикувајќи се на тројца американски функционери кои сакале да останат анонимни, пишува дека прелиминарните проценки се дека проектилот го истрелале украински сили кои гаѓале руска ракета додека енергетската инфраструктура во Украина вчера беше цел на руски гранатирања.