Именувањето на Абази минатата недела постојано ја брануваше јавноста. Од една страна, гласни беа шпекулациите дека тој е близок до ДУИ, а од друга страна се отвори полемика дали треба да се менува моделот за избор на прв човек на ОЈО ГОКК
Советот на јавни обвинители денеска на седница и формално го именува Ислам Абази за нов шеф на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК).
Абази на функцијата ќе ја наследни Вилма Русковска, чиј мандат истекува денеска. Неговиот избор беше констатиран едногласно од сите членови на Советот.
Русковска, пак, место ја чека во ОЈО Скопје, но на следната седница Советот ќе одлучи, со оглед дека членовите денеска рекоа дека прво треба да го проверат решението за нејзина суспензија, дали тоа е за оддалечување од позицијата шефица на ОЈО ГОКК или воопшто од обвинителската функција.
Нејзиниот наследник Абази е роден 1980 година во Кичево. Од 2007 до 2012 работел како стручен соработник во кичевскиот суд, а потоа е избран за основен јавен обвинител во Кичево. По околу една година работа како основен обвинител, во 2013 г. тој напредува и станува виш јавен обвинител во Гостивар. Последните четири години (2018-2022) тој беше и шеф на ВЈО Гостивар.
Неговата биографија на седница ја прочита членот на Советот Влатко Георгиевски кој, како и останатите членови што се јавија за збор, имаше само пофални зборови за Абази.
Членот Иџет Мемети рече дека Абази покажал многу важни резултати како шеф на ВЈО Гостивар и посочи дека му е мило што е надмината етничката бариера, со оглед дека Абази, како и Ермон Незири, кои се од различни етнички заедници, добиле гласови од обвинители од сите делови во државата.
Коле Штерјев нагласи дека гостиварското ВЈО покажало резултати пред сè во однос на расчистувањето со нерешените предмети во основните обвинителства кои се на подрачјето на Вишото обвинителство во Гостивар.
Слични пофалби кажа и републичкиот обвинител Љубомир Јовески кој е член на Советот по функција.
„Мора да се нагласи дека сите стари предмети обвинителството во Гостивар ги расчисти и за тоа значителна беше помошта на Вишото обвинителство на чело со Абази. Тоа може да послужи како факт за неговите менаџерските и стручните способности“,
рече Јовески.
Негово именување за шеф на ОЈО ГОКК доаѓа откако на 7 ноември тој освои најмногу гласови на непосредните избори на кои гласаа обвинителите од цела држава. Абази победи со 66 гласа или само два гласа повеќе од најголемиот ривал Ермон Незири. Кандидатка за нов мандат беше и Русковска, како и вишата обвинителка во Гостивар, Деса Пауновска, но тие освоија далеку помалку гласови – 14 односно 10. Начинот на избор преку непосредно гласање беше спроведен првпат според новиот Закон за јавно обвинителство.
Кога е во прашање Абази, на денешната седница на Советот, се очекуваше да биде повлечен и предлогот тој да биде член на Управниот одбор (УО) на Академијата за судии и јавни обвинители. Меѓутоа, седницата беше прекината, па тоа под точка разно остана да се направи на продолжението на седницатс кое треба да се одржи за една недела. Имено, во петокот Советот го предложи, но неколку часа по предлогот претседателот Антонио Јолевски најави дека ќе бара да се повлече предлогот, а и самиот Абази се огласи и јавно се откажа од членувањето во УО на Академијата. Причината е што неговата сопруга таму е дел од генерацијата кандидати кои наскоро треба да полагаат завршен испит и потоа и официјално да станат нови судии и обвинители.
Во ОЈО ГОКК Абази ќе се пресели од Вишото јавно обвинителство (ВЈО) Гостивар, каде што изминатите четири години беше шеф. Неговиот наследник во гостиварското ВЈО требаше да се избере на денешната седница, но со оглед што таа беше прекината и тоа остана за продолжението за наредна недела.
Изборот на Абази изминатата недела постојано ја брануваше јавноста. Од една страна, гласни беа шпекулациите дека тој е близок до ДУИ, а од друга страна се отвори полемика дали треба да се менува моделот за избор на прв човек на ОЈО ГОКК.
Во своето прво појавување пред јавноста, еден ден по гласањето, обвинителот тврдеше дека зад него не стои ДУИ и нема лични контакти ниту со Али Ахмети ниту со некој друг од партијата. Освоените 66 гласа од колегите обвинители од цела држава, порача Абази, говорат за неговата кариера и професионалниот ангажман.
Додека тој отфрлаше поврзаност со интегративците, медиумите му извадија фотографии со функционери од оваа партија.
Кога е во прашање, пак, начинот на избор, претставници на власта и на стручната фела веќе го отворија прашањето дали можеби е потребна промена. Министерот за правда Никола Тупанчески кажа дека моделот не е доизграден и можеби треба да се додадат некои дополнителни критериуми и правила, како на пример, воведување цензус за освоени гласови и евентуален втор круг гласање.
И академик Владо Камбовски во изјава за медиумите рече дека доколку ова се покаже како лошо искуство тогаш критериумите треба да се развиваат и допрецизираат, од типот, за избор на нов шеф да биде потребно апсолутно мнозинство од вкупниот број гласови.