Преземањето на контролата врз Херсон, следува откако украинските сили последните месеци имаа брза контраофанзива во која, како што тврдеше официјален Киев, биле заземени 40-тина населби во близина на градот

Со овации украинските војници беа пречекани во градот Херсон откако Русија соопшти дека целосно се повлекла од клучниот јужен град на украинска територија.
Локалните жители го вееја националното знаме и скандираа додека доаѓаа украинските војници, а некои, пренесува „Би-би-си“, до доцна во ноќта пееја и патриотски песни.
Херсон беше единствениот регионален главен град во Украина што Русија го зазеде по инвазијата што ја почна во февруари годинава, а повлекувањето на руските сили од градот се смета за еден од нивните најголеми неуспеси во војната.
Москва соопшти дека повлекла 30 000 луѓе, како и околу 5 000 парчиња воена опрема.
Вашингтон, пак, ја поздрави оваа, како што ја нарече, извонредна победа, додека украинскиот претседател Володимир Зеленски вчерашниот ден го нарече историски.
Преземањето на контролата врз Херсон, следува откако украинските сили последните месеци имаа брза контраофанзива во која, како што тврдеше официјален Киев, биле заземени 40-тина населби во близина на градот.