Односите меѓу Белград и Приштина повторно се затегнаа откако во сила стапи одлуката за пререгистрација на возилата на Србите на Косово и употребата на косовски регистерски таблички
Полицајци Срби ги соблекоа косовски униформи по одлуката на претставниците на Србите да ги напуштат сите косовски институции во знак на револт кон стапувањето во сила на одлуката за пререгистрација на српските возила и употребата на косовски регистарски таблички.
По завршувањето на прес-конференцијата на претседателот на Српската листа, Горан Ракиќ, десетина полициски службеници ги соблекоа униформите. Шефот на регионалната оператива Митровица Север, капетанот Александар Филиповиќ поднесе оставка во име на вработените во косовската полиција со порака „Доста беше“, јавува Н1.
Претставниците на Србите на Косово денеска ги напуштија сите косовски институции во знак на револт, велејќи дека Приштина не го почитува Бриселскиот договор.
Премирката на Србија, Ана Брнабиќ, пак, рече дека српската влада стои покрај, како што рече, храбриот и достоинствен народ на Косово, кој само сака да се спроведат потпишаните договори, додавајќи дека Србија останува цврсто посветена на зачувување на мирот и стабилноста во регионот.
Премиерот на Косово, Албин Курти, ги обвини српскиот претседател Александар Вучиќ и шефот на српската дипломатија, Ивица Дачиќ, дека потегот е нивна лична борба за власт, а не за граѓаните или за државата.