Берлинскиот процес не само што може да го ослободи потенцијалот на регионот туку и да го забрза неговиот пат кон Европската Унија, вели германскиот канцелар Олаф Шолц
Во Берлин се одржува Самитот на Берлинскиот процес, чиј домаќин е германскиот канцелар Олаф Шолц. Тој изјави дека сите земји од Западен Балкан се дел од слободна и демократска Европа и дека заедничка работа на Европската унија и регионот е да ја претворат ветената европска иднина во реалност.
Шолц рече дека денешната средба е можност да се разговара за многуте предизвици со кои се соочува Западен Балкан.

Тој изрази уверување дека Берлинскиот процес не само што може да го ослободи потенцијалот на регионот, туку и да го забрза неговиот пат кон Европската унија.
Според зборовите на германскиот канцелар, во моментот на бруталната војна на Русија против Украина, време е да се надминат внатрешните конфликти.
Шолц рече дека на денешниот самит на шефови на влади од Западен Балкан и претставници на ЕУ ќе се разговара за три договори кои се исклучително важни за градење и интегрирање на заедничкиот регионален пазар.
Според него, ова е важно за олеснување на контактите во регионот во најширока смисла и за градење интегрирана иднина без внатрешни граници.
Тој додаде дека важно прашање ќе биде енергетската безбедност, за што, како што рече на 24 октомври на состанокот на Берлинскиот процес, разговарале и министрите за енергетика.
Тој повтори дека на 20 октомври, во форматот на Берлинскиот процес, министрите за внатрешни работи разговарале за исто така важното прашање за илегалната миграција и шверцот на луѓе.
Велејќи дека денес ветувањата за Западен Балкан се даваат со чувство на итност, Шолц нагласи дека граѓаните од регионот можат да сметаат на Германија и на Берлинскиот процес.
На самитот, кој се одржува на покана на Шолц, присуствуваат шефовите на владите на Србија, Косово, Црна Гора, Северна Македонија, Албанија и Босна и Херцеговина, претставници на земјите од ЕУ кои се членки на Берлинскиот процес, претседател на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел како и претставници на меѓународни организации.
Берлинскиот процес е формат на годишни состаноци што германската влада, во времето на канцеларката Ангела Меркел, ги иницираше во 2014 година кога во Берлин се одржа Конференцијата за Западен Балкан.