Приштина најави дека од утре ќе почне пререгистрацијата на регистарските таблички, на почетокот со предупредување до оние кои нема да го сторат тоа
Министерот за надворешни работи на Србија Ивица Дачиќ изјави дека владата нема да ги повика Србите на северот на Косово да прифатат таблички за автомобилите на кои пишува Република Косово.
„Како што слушнавте од претседателот Вучиќ, ние сакаме компромис, не сакаме да направиме ниту еден потег што би се протолкувал како инцидент или провокација, но слушнавте и дека самите Срби ќе ги бранат своите интереси. Србија сигурно нема да дозволи никој да се заканува или да изврши прогон (на Србите)“,
рече Дачиќ за ТВ Војводина во емисијата „Прав агол“, пренесе Данас.
Тој изјави дека Србија „ќе продолжи да биде предвидлив партнер, но кога некому ќе кажете дека сте предвидлив партнер, тоа значи дека точно се знае што можеме, а што не можеме, и што не сакаме“.
Приштина најави дека од утре ќе почне пререгистрацијата на регистарските таблички, на почетокот со предупредување до оние кои нема да го сторат тоа.
Претставниците на Српската листа по неодамнешната средба со претседателот на државата Александар Вучиќ најавија блокада на преминот доколку Приштина почне насилно да одзема возила без пререгистрирани регистарски таблички.