Маричиќ посочи дека отворањето на клубот „Никола Вапцаров“ во Благоевград е приватна иницијатива, а дека владините претставници не се должни да присуствуваат на неа, но кога ќе се отвори официјален македонски клуб во Бугарија – тогаш ќе бидат таму
Ниту владина ниту, пак, делегација на владејачкиот СДСМ нема да присуствува на отворањето на македонскиот клуб „Никола Вапцаров“ во Благоевград в недела. Ова денеска го изјави вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ во гостувањето во емисијата „Студио 10“ на Телевизија 24.
Тој посочи дека отворањето на овој клуб е приватна иницијатива, а дека владините претставници не се должни да присуствуваат на неа, но кога ќе се отвори официјален македонски клуб во Бугарија – тогаш ќе бидат таму.
„Ова е приватна иницијатива. Секој чекор во таа насока треба да придонесе за намалување на тензиите и отворање на можностите за соработка. Ќе видиме дали овој клуб ќе има таков ефект. Секој има право да си прави приватна иницијатива, но ние не сме должни да присуствуваме на отворањето на секоја иницијатива“,
рече Маричиќ за „Студио 10“ на Телевизија 24.
Претходно и шефот на дипломатија Бујар Османи и премиерот Димитар Ковачевски кажаа дека нема да одат на отворањето на клубот. Свое присуство на отворањето на македонскиот клуб во Благоевград, пак, најави лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски кој ќе биде придржуван од пратениците Рашела Мизрахи и Драган Ковачки.
„360 степени“ вчера објави дека отворањето на македонскиот културен клуб „Никола Вапцаров“ во Благоевград е финансирано од Глигор Цанев и Минчо Остас од Торонто и Македонското меѓународно движење за човекови права (ММДЧП).
Ова може да се прочита на фејсбук-профилот на „ОМО Илинден Пирин“, во поканата за отворањето на клубот, каде што покрај останатите формалности се наведени и „пријателите“ со чија финансиска помош се реализира иницијативата. Информацијата за финансиерите на клубот за „360 степени“ вчера ја потврдија и организаторите на отворањето на клубот.
Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска изјави дека отворањето на клубот во Благоевград не е во функција на добрососедските односи, а тоа, како што рече, е поткрепено со податокот за финансиерите на клубот.
„Кога дознав кој го финансира клубот ми беше јасно. Тоа е фондација од Канада, која има и своја веб-страница и доколку ги гледате позициите кон државата, кон стратешките интереси на државата ќе видите дека не е во функција на тие стратешки интереси и не очекувам дека ќе биде во функција на граѓаните и на односите меѓу двете земји. Фактот што финансиер на тој клуб е тоа здружение за мене е доволен факт дека оваа иницијатива нема добра намера“,
рече Османи.