Секоја несоодветна реакција во оваа пригода би била спротивна на политиката и интересите на Бугарија и не може да биде претставена како реакција на бугарските институции или на пошироката јавност, изјави заменик-министерот за надворешни работи и портпарол на бугарското МНР, Костадин Коџабашев
Министерството нема практика да коментира за акциите на бугарските државјани на бугарска територија, а кои се од строго приватен карактер. Ова на денешниот брифинг со новинарите го истакнал заменик-министерот за надворешни работи и портпарол на бугарското МНР, Костадин Коџабашев, во врска со прашањата добиени од граѓани за претстојното отворање на македонскиот културен клуб по име „Никола Вапцаров“ во Благоевград, пренесува Днес.бг.
На прашањето кој стои зад отворањето на овој клуб, Коџабашев објаснил дека се работи за физичко лице, кое во медиумите се претставува како „непостоечка јавна организација“, кое има закупено простории од друго приватно лице и наведува дека во таа просторија ќе се отвора приватен клуб по име на бугарски поет.
Според заменик-министерот, единствено што го интересира Министерството е како еден ваков настан се промовира, охрабрува и поддржува од двете најголеми опозициски партии во Скопје.
„Не е тајна дека овие две партии промовираат антиевропски убедувања, водат политика против европската интеграција на Република Северна Македонија“,
изјавил Коџабашев.
Тој рече дека нивните постапки треба да се гледаат и во поширок контекст на интересите на трети земји насочени против Европската Унија и нејзиното проширување.
„Очигледен е обидот со посетата на овие две партии на Благоевград и нивните постапки вештачки да предизвикаат тензии. Очигледно се работи за отргнување на вниманието на јавноста од праведната борба на Бугарите во Република Северна Македонија за граѓански права. Очигледно е на чии интереси служи овој смислен план“,
коментирал заменик-министерот Коџабашев.
Тој додаде дека секоја несоодветна реакција во оваа пригода би била спротивна на политиката и интересите на Бугарија и не може да биде претставена како реакција на бугарските институции или на пошироката јавност. Тој ја повика јавноста да пристапи смирено.