Џамбаски во објава на Фејсбук ги обвини бугарските политички партии кои обезбедија пратенички места во новиот парламент на земјата дека дозволиле легитимирање на „лагата македонски јазик“
Македонците, вели Џамбаски, сега слават поради неуспехот и нихилизмот на овие 170 претставници кои, според него, ги „отпишале“ бугарската историја, јазик и култура
Тој, во статус на социјалната мрежа, објавен вчера се осврнува и отворањето на македонскиот клуб „Никола Вапцаров“ во Благоевград прашувајќи: „Се подготвува ли македонска провокација во Пиринска Македонија?“
Бугарскиот европратеник од редовите на ВМРО-БНД, Ангел Џамбаски, денеска ги нападна политичките партии во Бугарија ДПС, ГЕРБ, Продолжуваме со промените и Демократска Бугарија поради потпишувањето на договорот со Фронтекс меѓу Европската Унија и С Македонија, кој беше потпишан вчера на македонски јазик за време на посетата на претседателката на Европската комисија (ЕК), Урсула фон дер Лајен на Скопје.
Џамбаски во објава на Фејсбук ги обвини бугарските политички партии кои обезбедија пратенички места во новиот парламент на земјата дека дозволиле легитимирање на „лагата македонски јазик“.
„Вчера Урсула фон дер Лајен и Димитар Ковачевски потпишаа договор за управување со границите. Се потпиша и на ‘македонски’, без фусноти, без посебни мислења. Ова го потенцира и претседателката на ЕК дека договорот е потпишан на македонски, како што вети“,
вели Џамбаски во објавата на која е додаден линк од фесјбук-статусот на поранешниот македонски премиер Зоран Заев.
Македонците, вели Џамбаски, сега слават поради неуспехот и нихилизмот на овие 170 претставници кои, според него, ги отпишале бугарската историја, јазик и култура.
„Браво Борисов, Петков, Иванов и Карадај. Влеговте во историјата, покрај Георги Димитров, Кимон Георгиев, Трајчо Костов и другата комунистичка ништожност. Тие, како тебе, направија се за да им угодат на странските господари и да ја пречкртаат светата кауза на Бугарите со генерации – Македонија. Не е изненадување. Вие сте нивни достојни наследници и проекции. Срам и срам што дозволивте Македонците да се гостат на сметка на бугарската чест и достоинство. Плукате по случајот на Климент Охридски, браќа Миладиновци, проф. Лубомир Милетиќ и сите познати и непознати Бугари кои придонеле за развојот на бугарската култура и јазик, кој веројатно наскоро ќе испадне `македонски`. Засекогаш ќе владее срамот над предавниците на бугарската кауза!“,
напиша Џамбаски.
Тој, во статус на социјалната мрежа, објавен вчера се осврнува и отворањето на македонскиот клуб „Никола Вапцаров“ во Благоевград прашувајќи: „Се подготвува ли македонска провокација во Пиринска Македонија?“
„Предвидено е отворање на македонски културен клуб ‘Никола Вапцаров’ во Благоевград. А на отворањето најверојатно ќе се појави бугаромразецот, расипникот на дивиот антибугарски македонизам, Христијан Мицкоски. Неприфатливо е лице кое користи јазик на омраза против Бугарија и Бугарите, лице кое го нарекува Договорот за соседство „отровно овошје“, го негира постоењето на бугарска заедница во Северна Македонија и е против нејзино вклучување во Повелбата како рамноправна легитимен дел од северномакедонското општество да дојде во Пиринска Македонија и да сее сепаратизам и омраза“,
вели Џамбаски.
Тој ја коментира и изјавата на премиерот Димитар Ковачевски, пред неколку дена во која вели дека отворањето на културни центри меѓу државите е начин на којшто се зближуваат како држави, како институции и како граѓани.
Европратеникот, познат по контроверзните и негаторски изјави кон земјава вели оти очекува јасни конкретни одговори од кабинетот на техничкиот премиер на Бугарија, Галаб Донев.
„Кој е имотот и кој ќе ги администрира активностите на Македонскиот културен клуб ‘Никола Вапцаров’? Дали има доставени информации и барање од официјалните власти на Северна Македонија за отворање културен клуб во Благоевград? Дали е вистина дека во организацијата на Македонскиот културен центар учествуваат лица поврзани со сепаратистичките организации ‘ОМО Илинден’ и ‘ОМО Илинден – Пирин’?“,
прашува европратеникот Џамбаски потенцирајќи дека е неприфатлив да се отвора клуб во срцето на Пиринска Македонија за да сее сепаратизам и антибугарски тези.
Европската Унија и С Македонија вчера во Скопје за време на официјалната посета на земјава на претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, го потпишаа договорот со Фронтекс, кој извесен период беше блокиран токму од Бугарија поради прашањето за јазикот.
Фон дер Лајен по овој повод вчера во Скопје изјави дека Договорот за Фронтекс не е важен само затоа што ја зацврстува „нашата соработка за миграцијата туку и затоа што покажува дека сомнеж дека македонскиот јазик е ваш јазик и целосно го почитуваме тоа“.
Истата порака потоа таа ја пренесе и преку социјалните мрежи со „твит“ на македонски јазик.
По потпишувањето на договорот за Фронтекст, поранешниот премиер и лидер на СДСМ, Зоран Заев, на Фејсбук напиша дека „нашиот македонски сон стана реалност“.
Инаку, како што е најавено, в недела на 30 октомври во Благоевград треба да биде отворен македонскиот културен клуб „Никола Вапцаров“.
Отворањето на клубот го следеше извесна драматика, откако, според информациите Советот на Општина Благоевград прво донесе декларација со која се забранува неговото отворање за потоа градоначалник на општината да се премисли и сепак да дозволи в недела со свечена церемонија да се реализира оваа иницијативата.
Присуство на церемонијата најави опозициската ВМРО-ДПМНЕ, чија партиска делегација ќе ја предводи лидерот, Христијан Мицкоски. Премиерот Димитар Ковачевски претходно изјави дека в недела ќе биде во Скопје, но, ги повика сите граѓани кои имаат можност, особено граѓаните од Благоевград и на пограничните места да присуствуваат на отворањето на македонскиот културен клуб со порака дека ваквите настани ги зближуваат граѓаните.
Министерството за надворешни работи минатата недела прати официјална протестна нота до Бугарија поради изјавата Џамбаски кој упати навреди на адреса на премиерот Димитар Ковачевски и изрази отворени територијални претензии.
„Иако досега се обидувавме да го игнорираме, затоа што целта на европратеникот е да ги искористи тие реакции за себепромоција, овој пат ги надмина сите граници на провоцирање и тука мора да реагира и бугарската држава бидејќи тоа се веќе територијални претензии и навредлив говор кон народ и тоа нема да го премолчиме“,
изјави шефот на дипломатијата Бујар Османи.