Запрашан околу санкциите кон сторителите, министерот повтори дека со оглед на фактот што во најмала рака станува збор монструозен чин, во кој се злоупотребени училиштата, имајќи ја предвид вознемиреноста на децата, родителите, но и граѓаните генерално, казните треба да бидат најстроги
Истрагата за дојавите за бомби во скопските средни училишта е во тек, ги знаеме првичните информации од каде се испратени мејловите, информира министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во интервју на МТВ.
„Вчера имавме дојава во 8 училишта за наводно поставени бомби. Секако дека овие згради беа детално проверени од Одделот за антитероризам и утврдивме дека станува збор за лажни пријави. Истрагата е во тек, ги знаеме првите податоци за тоа од каде се испратени тие мејлови. Најважно е да успееме да ги откриеме сите ИП-адреси од каде доаѓа овој, би рекол, монструозен чин, без разлика дали станува збор за хибриден напад врз Северна Македонија или политички игри, како една од претпоставките. Без разлика на што се однесува, никој не смее да дозволи да се игра со судбините на децата и на сите нас, ова е сензитивна тема и сметам дека без разлика кој го нарачува сето ова треба да има на ум дека не може да се игра со системот и со граѓаните на Република Северна Македонија”,
истакна министерот Спасовски и додаде дека пред неколку дена се случи лажна дојава во ЈСП Скопје, а сега се случува во училиштата и ако станува збор за некаква политичка пресметка, таа не смее да се прави врз грбот на граѓаните.
Запрашан околу санкциите кон сторителите, министерот повтори дека со оглед на фактот што во најмала рака станува збор монструозен чин, во кој се злоупотребени училиштата имајќи ја предвид вознемиреноста на децата, родителите, но и граѓаните генерално, казните треба да бидат најстроги.
Сите дојави за бомби во осум училишта во Скопје вчера се утврди дека се лажни, откако завршија антитерористичките проверки во сите школи на чии мејлови беа упатени заканите за наводните бомби.
Првично, во МВР беа пријавени вакви дојави од пет гимназии во главниот град: „Раде Јовчевски Корчагин“, „Орце Николов“, „Никола Карев“, „Јосип Броз Тито“ и АСУЦ „Боро Петрушевски“.
Потоа стигнаа и дополнителни пријави за уште три други училишта.