Извори од Министерството за правда тврдат дека владиниот ресор продолжува да работи на сеопфатни измени на Законот за здруженија и фондации, процес што нема да заврши до крајот на оваа година. Дотогаш, за да нема нови регистрации со спорни имиња, власта и опозицијата имаат разбирање да донесат ургентно решение кое веројатно ќе биде пресликано во целосно новиот закон
Измените на Законот за здруженија и фондации што ги предложи ВМРО-ДПМНЕ и кои, судејќи според моменталниот тек на постапката во Собранието, најверојатно ќе бидат донесени бидејќи ја имаат поддршката и од владејачкиот СДСМ, нема да значат крај на активностите на работната група формирана Министерството за правда. Владиниот ресор и понатаму работи на целосно нов Закон за здруженија и фондации, кој наскоро треба да биде објавен на ЕНЕР, брифираат за „360 степени“ добро упатени извори од Правда.

Официјално, од Правда, на прашањето на „360 степени“: „Дали работната група формирана од Министерството за правда за подготовка на предлог-закон за измени на Законот за здруженија и фондации сè уште работи на подготовка на измените, ако се земе предвид дека Собранието вчера со големо мнозинство ја почна постапката за донесување на предлог-измените на Законот предложени од ВМРО-ДПМНЕ?“, велат:
„Работната група која е формирана од Министерството за правда интензивно работи на новиот Закон за здруженија и фондации. Со предлог-законот ќе се доуредат условите врз основа на кои ќе може да се регистрира здружение. Се работи на подготовка на Законот, а најдоцна до крајот на октомври ќе биде објавен на ЕНЕР каде што сите заинтересирани лица ќе можат да дадат свои мислења, забелешки и сугестии. Ќе следува и одржување јавни расправи. Целта на измените на законот е подобрување на правната рамка во делот на одредбите кои се однесуваат на регистрација на граѓански организации, дефинирање на статус на непрофитни организации, како и начинот на нивно финансирање. Новиот закон ќе содржи повеќе измени, а не само во делот на регистрација на здружение или фондација“,
Ова веќе беше соопштено од Министерството за правда и на 7 октомври, дента кога беше отворањето на клубот „Цар Борис Трети“ во Охрид.
Извори од Министерството за правда велат дека измените на Законот предложени од ВМРО-ДПМНЕ се своевидно ургентно ад хок решение кое се носи со цел да се спречи евентуално отворање нови здруженија со спорни имиња, како што тоа беше случај со здруженијата „Ванчо Михајлов“ во Битола и „Цар Борис Трети“ во Охрид. Кон вакво решение, преку пратениците во законодавниот дом да се донесат измени на постојниот закон, се оди за да се добие на време. Доколку, како што велат нашите извори, се чекаше новиот закон да биде готов, тоа ќе одземеше премногу време, потребно за целата постапка да се истера до крај.
Имено, по подготовката на текстот на новиот закон тој треба да биде објавен на ЕНЕР, каде што ќе може да го погледне обичната и стручната јавност и да даде свои забелешки и сугестии. Потоа, треба да се отвори поширока јавна дебата меѓу експертската јавност, граѓанскиот сектор и засегнатите страни, што може да произведе и интервенции во законскиот текст, па тој да се менува. Конечно дефинираниот текст, потоа оди во Собрание, каде што треба да ја помине целата процедура, пропишана со Деловникот на законодавниот дом, Уставот и законите.
„Тоа значи дека новиот Закон би бил донесен следната година“, велат нашите извори.
Според нив, затоа се оди со ова решение, преку пратениците по скратена постапка да се донесат измени во актуелниот, односно постојниот закон со кој ќе се превенираат ситуации, какви што имавме неодамна.
„Тоа е договорено меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ“,
велат за „360 степени“ добро упатени извори.
Инаку, како што потенцираат тие, измените предложени од ВМРО-ДПМНЕ, кои најверојатно ќе бидат донесени, ќе бидат вметнати и ќе станат дел од новиот закон што го подготвува работната група на Министерството за правда.
Нашите соговорници нагласуваат дека Законот што се подготвува во Правда е комплетно нов закон, кој ќе го замени актуелниот, кој сега ќе биде изменет со предлогот на ВМРО-ДПМНЕ и поддржан од владејачкото мнозинство.
Инаку, работната група на Министерството за правда е формирана уште во март оваа година.
Предлог-измените на Законот за здруженија и фондации што ги поднесе ВМРО-ДПМНЕ како реакција на нижењето бугарски здруженија и фондации именувани по контроверзни историски личности – соработници на фашистичката оска во Втората светска војна, беа ставени на дневен ред на 88. пленарна седница на Собранието по скратена постапка, која започна вчера. Истиот ден пратениците со големо мнозинство од 84 пратеници ја изгласаа потребата од носењето на ваквите измени. Предлог-измените, бидејќи станува збор за скратена постапка, веднаш се доставуваат пред надлежните комисии, а потоа се враќаат пред собранискиот пленум кој треба да го каже последниот збор односно дали ги прифаќа или не.
Инаку, според материјалот доставен до Собранието, ВМРО-ДПМНЕ во измените на Законот предлага измена на ставот 2 од членот 4 на актуелниот Закон и тој да гласи:
„Се забранува основање на организација ако програмата, целите, дејностите и нејзиното дејствување е насочено кон насилно уривање на уставниот поредок на Република Македонија, поттикнување и повикување на воена агресија и разгорување на национална, расна, верска омраза или друга нетрпеливост, нетолеранција, омраза, геноцид, екстерминација, ширење или поддршка, поттикнување и одобрување на фашизам, нацизам, национал-социјализам и третиот рајх, преземање на активности поврзани со тероризам, преземање на активности кои се спротивни на Уставот или закон и преземање на активности со кои се повредуваат слободите и правата на други лица“,
Потоа, во членот 8 се додава нов став 4 кој гласи: „Како име, скратено име и/или назив на организација не можат да бидат употребувани имиња, презимиња, прекари, псевдоними, кратенки и иницијали, на лица кои по било кој основ, начин или форма во минатото се поврзани со расна, верска, национална, етничка и друга нетрпеливост, нетолеранција, омраза, геноцид, екстреминација, ширење или поддршка на фашизам, нацизам, национал-социјализам и третиот рајх.“
Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ предлага два нови члена – член 9-а, кој се однесува на употребата на име, презиме, прекар, псевдоним, кратенка или иницијали на историска личност и според кој согласност за тоа треба да даде министерот за правда по претходно добиено позитивно мислење на Комисијата за употреба на имињата на историски личности.
Структурата и надлежностите на Комисијата за употреба на имињата се регулирани со членот 9-б.
Во него стои дека Комисијата за употреба на имиња ја формира министерот за правда, Комисијата е составена од 5 членови и од кои еден член доаѓа од Министерството за правда од редот на раководните вработени, на предлог на министерот за правда, еден член од Министерството за култура од редот на раководните вработени, на предлог на министерот за култура, еден член од Институтот за национална историја, два члена од Македонска Академија на Науките и Уметностите (МАНУ), претседател избираат членови со мнозинство гласови. Потоа во истиот член се наведува дека Комисијата дава мислење за употреба на име, скратено име/и или назив на организација, за својата работа носи деловник, просторните и технички услови ги обезбедува Министерство за правда, видот, висина и критериумите за надоместокот за Комисијата го пропишува министерот за правда.
Законските измени предложени од ВМРО-ДПМНЕ предвидуваат тие да важат ретроградно, односно и веќе основаните здруженија да имаат обврска да ги променат имињата, односно да ги усогласат со одредбите на Законот во рок од три месеци, а доколку не го сторат тоа ќе бидат избришани од Централниот регистар.
„Организации, здруженија, фондации, сојуз и други форми на здружување регистрирани согласно одредбите на Законот за здруженија и фондации („Службен весник на Република Македонија“ 52/10, 135/11 и 55/16) се должни во рок од три месеци од стапување во сила на овој закон, да го усогласат своето име и/или назив, цели и дејности согласно одредбите од овој закон, пред Централниот регистар на РСМ. Здруженија и фондации регистрирани согласно одредбите на Законот за здруженија и фондации („Службен весник на Република Македонија“ 52/10, 135/11 и 55/16) кои нема да ги усогласат одредбите согласно став 1 од овој член, се бришат од Регистарот, за што министерот за правда донесува одлука. Министерот за правда е должен да донесе одлука за престанок на истите,во рок од четири месеци од денот на влегување на сила на овој закон“,
стои во преодните и завршни одредби од предлог-измените на Законот за здруженија и фондации поднесени од ВМРО-ДПМНЕ.
Имено, откако измените на Законот за здруженија и фондации, поднесени од ВМРО-ДПМНЕ се најдоа на дневен ред на денешната 88. пленарна седница на Собранието, пратениците на владејачкиот СДСМ до законодавниот дом денеска поднесоа предлог-измени на Законот за политички партии, чија интенција е, како што се наведува во измените, „да се зголеми транспарентноста и дистанцирање од фашизмот, нацизмот и нациоанал-социјализмот.
Содржински, па дури и според вокабуларот, дефинициите во текстовите на двата закона – оној на ВМРО-ДПМНЕ за здруженија и фондации и оној на СДСМ за за политички партии – се речиси идентични.
И измените на Законот за политички партии што го поднесе СДСМ вчера ја доби поддршката од големо мнозинство Собранието, односно за потребата од носење на вакви измени „за“ гласаа 74 пратеници.