Во текот на службениот разговор, малолетникот посочил уште три малолетни лица кои учествувале во настанот. Од МВР велат дека тие дополнително ќе бидат повикани во полициска станица за целосно расчистување на случајот

Малолетно лице под 14-годишна возраст од Тетово е лицето што објавило видео на социјалната мрежа Тик-ток, на кое се гледа палење на македонското знаме, информираат од Миннистерството за внатрешни работи (МВР).
Од МВР велат дека на 22.09.2026 година, при мониторинг на социјалните мрежи, полициски службеници детектирале видеообјава со содржина со која е сторено кривично дело предизвикување омраза, раздор или нетрпеливост врз национална, верска и друга дискриминаторска основа, предвидено и казниво по член 319 став 1 од Кривичниот законик.
Откако, по преземените оперативни мерки и активности, вчера бил утврден идентитетот на авторот на профилот, малолетникот во присуство на родител е повикан во полициска станица.
Со него бил извршен службен разговор, при што тој го признал делото. Со согласност на родителот, за потребите на постапката и фотодокументирањето на доказите, обезбеден е мобилниот телефон од кој било поставено видеото.
Во текот на службениот разговор, малолетникот посочил уште три малолетни лица кои учествувале во настанот. Од МВР велат дека тие дополнително ќе бидат повикани во полициска станица за целосно расчистување на случајот.
Од полицијата велат дека по целосното документирање на предметот, до надлежното Основно јавно обвинителство Тетово ќе биде поднесен соодветен поднесок.
