Целта на владата е да има дополнителни заштеди на електрична енергија
Можно е оваа година да го задржиме летното сметање на времето кое требаше да заврши на 30 октомври година. Доколку го задржиме летното сметање на времето тоа би значело дека последниот викенд од октомври (ноќта од саботата кон неделата) нема да ги поместиме стрелките на часовникот за еден час наназад.
Ваквата можност ја најави Владата по денешната седница.
„На денешната владина седница, задолжено е Министерството за економија да ги разгледа можностите околу евентуално продолжување на примената на летното сметање на времето, со цел дополнителни заштеди во општата потрошувачка на електрична енергија“,
соопштија од Владата.
Во пракса тоа би значело дека во зимските месеци ќе се разденува еден час подоцна, но и денот ќе трае подолго, па наместо да почне да паѓа мрак, на пример, во 16 часот, ќе се стемнува во 17.
Дебата за укинување на зимското и летното сметање на времето ја отвори и Европската комисија (ЕК) пред четири години. Тогаш во онлајн-анкета дури 83 отсто од жителите на ЕУ се изјаснија дека се „за“ укинување на ваквиот начин на сметање на времето, по што ЕК достави и официјален предлог до Европскиот парламент кој истиот го одбори во 2019 година. Според тоа, укинувањето требаше да се примени од лани при што секоја земја-членка требаше да избере кое сметање на времето ќе го задржи. Меѓутоа, во пракса тоа не се случи.
„Оттогаш работите речиси мируваат. Топката сега е кај 27-те земји членки на Унијата, велат од Европската комисија. Тие мора да се усогласат и да кажат дали и во иднина работите ќе останат какви што се, или ќе се менуваат. Досега владите на земјите членки на ЕУ немаат заеднички став. Тоа ги лути и пратениците во Европскиот парламент“,
пишува „Дојче веле“ во анализа насловена „Зошто сè уште има зимско и летно сметање на времето“ објавена во март лани кога се преминува од зимско кон летно сметање.
Тогаш, кога со ЕУ претседаваше Португалија немаше одговор за тоа кога ова прашање ќе се стави на разгледување.
На истото прашање, во анализа од истиот период „Блумберг“ наведува дека главниот виновник за одложувањето на примената веројатно е пандемијата со коронавирусот, како и бирократијата при што потсетува дека по гласањето во Европскиот парламент, примената на одлуката треба да се ја финализира Европскиот совет кој главно е составен од шефови на држави. Меѓутоа, Советот го врати прашањето назад во ЕК велејќи дека не може да ја спроведе додека Комисијата не направи процена на влијанието што ќе го има укинувањето на летното и зимското сметање на времето. До ќор-сокак, според анализата на „Блумберг“ се дојде кога ЕК возврати дека всушност проблемот е во Советот кој прво треба да изгради заеднички став.