Од победничката партија на парламентарните избори во Бугарија ги советуваат политичарите да размислат пред да го кажат ставот за резултатите од изборите.
„Ви благодариме сите на поддршката. Ги советуваме сите колеги политичари да размислат пред да зборуваат“,
истакна Томислав Дончев од ГЕРБ во краток коментар за изборниот резултат.
Претходно, лидерите на „Продолжуваме со промените“, Кирил Петков и Асен Василев го признаа изборниот пораз. Рекоа дека нема да коалицираат со ГЕРБ-СДС и ДПС. Петков кажа дека како конструктивна опозиција ќе бидат над секоја постапка на идната власт.
Коалицијата ГЕРБ-СДС извојува победа на четвртите парламентарни избори во изминатите година и половина. Бојко Борисов, според паралелното пребројување на „Галуп интернешнл“, освои 63 пратеници во Народното собрание.
Математички, ГЕРБ, ДПС и Преродба ќе имаат доволно мандати да формираат влада, но политички такво нешто се смета за речиси невозможно.