Станува збор за 25 билборди поставени низ главниот град, но од СДСМ не кажуваат колку пари дале за нив, имајќи предвид дека партиите добиваат пари од државниот буџет, односно пари на граѓаните
„СДСМ на 25 билборди во Скопје само ја покажа вистината која скопјани многу добро ја знаат, тоа се причините за кавгите во ВМРО-ДПМНЕ, пари, тендери и рацете во медот“, велат од СДСМ.
Владејачкиот СДСМ ги нарачал билбордите кои викендов осамнаа низ Скопје, а на кои пишува: „Пари, тендери и бизнис интереси на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ, затоа ли се кавгите во Град Скопје?“, „Кај е шпицниот градоначалник?“, потврдиле од партијата за „Фокус“.
Станува збор за 25 билборди поставени низ главниот град, но од СДСМ не кажуваат колку пари дале за нив имајќи предвид дека партиите добиваат пари од државниот буџет, односно пари на граѓаните.

„СДСМ на 25 билборди во Скопје само ја покажа вистината која скопјани многу добро ја знаат, тоа се причините за кавгите во ВМРО-ДПМНЕ, пари, тендери и рацете во медот“,
рекле од СДСМ.
Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, која денеска присуствуваше на настан во врска со реконструкцијата на улицата „Перо Наков“, одговарајќи на новинарски прашања, рече дека таа не стои зад билбордите, иако на нив пишува „шпицен градоначалник“, израз што таа го користеше против лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ на седницата за советнички прашања на Советот на Град Скопје што се одржа во четвртокот, минатата недела.
Билбордите се во сопственост на компанијата „Акцент медиа“, чиј сопственик, Филип Спасовски за „Фокус“ рекол дека не смее да открива деловни тајни во јавноста.
Во саботата викендов на повеќе локации низ Скопје беа поставени билборди со ликот на лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на кои пишува: „Пари, тендери и бизнис интереси на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ, затоа ли се кавгите во Град Скопје?“, „Кај е шпицниот градоначалник?“, а наведена е и сума „136 000 000 евра“ што треба да е алузија на вредноста на тендерот за пречистителната станица во Скопје.
Јавните обвинувања и остриот речник на релација Данела Арсовска – ВМРО-ДПМНЕ кулминираа на седницата на Советот на Град Скопје во четвртокот минатата недела на седницата за советнички прашања. Беа упатени предупредувања до Арсовска дека можеби за една година ќе се најде во обвинителство да дава исказ, но и обвинувања од нејзина страна дека „директорчињата на Мицкоски биле фатени со рацете во медот“, а Мицкоски го нарече „шпицен градоначалник“.
Претходно, Арсовска го разреши директорот на ЈП „Водовод и канализација“, Златко Перински, поради, како што соопштија од нејзиниот кабинет, самоволие и несоодветно постапување во постапка за тендер вреден 136 милиони евра за изградба на пречистителна станица.
Препукувања меѓу ВМРО-ДПМНЕ и Арсовска продолжија и денеска. Од ВМРО-ДПМНЕ соопштија дека поради несоодветната комуникација на Арсовска и неисполнувањето на ветеното од програмата „За модерно Скопје“, градоначалниците од партијата повеќе нема да присуствуваат на ниту еден настан на градоначалничката. Повод за ваквата реакција на ВМРО-ДПМНЕ беше тоа што на денешната промоција на проектот во Општина Гази Баба кој бил поддржан од советничката група на партијата, не бил поканет градоначалникот на Општината, Бобан Стефковски, во чија соработка е проектот.
„Поради немањето соодветна и нормална комуникација што треба еден градоначалник на Град Скопје да ја има за доброто на градот, како и поради неисполнувањето на обврските од ветеното од програмата ‘За модерно Скопје’, поради кој и беше дадена довербата на градоначалничката Арсовска, но и нејзината силна инволвираност во сомнителни и криминогени зделки ВМРО-ДПМНЕ во целост се оградува од однесувањето на Арсовска и градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ нема да присуствуваат на ниту еден настан на градоначалничката Арсовска“,
посочуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од СДСМ пак денеска обвинија дека „повеќе од една недела ВМРО тендерска ДПМНЕ молчи за улогата на шпицниот градоначалник Мицкоски во спорните тендери од над 136 милиони евра“.
„Фатени со рацете во медот, молчат и за други пропаднати проекти. Од шпицен кандидат Мицкоски стана шпицен градоначалник на сите градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ. Само за да контролира бизниси и влијанија, или со нивниот речник кажано, да ги брца рацете во медот. Типично за најголемата политичка кукавица во земјава. Ова е вистинското лице на Христијан Мицкоски и оваа стара, нереформирана, криминална партија. Кулминација на внатрешни превирања и корупциски скандали вредни над 136 милиони евра со заеднички именител- пари. Ништо не е сменето во ВМРО тендерска ДПМНЕ, Мицкоски е ист како и неговиот ментор и претходник, Никола Груевски“,
изјави денеска на прес-конференција Мартин Костовски од СДСМ.