Здружението на приватни аптеки (ЗПАРМ) алармира дека вработените се соочуваат со сериозен дефицит на заштитна опрема и бараат насоки од надлежните за нивната работа.
Во отворено писмо до министерот за здравство Венко Филипче потенцираат дека има недостиг на заштитни маски, заштини одела и средства за дезинфекција на раце и работни површини и стравуваат дека се ставени во ризик нивните вработени.
„Недостигот е во толкава мера што не се однесува само на широката потрошувачка, туку и за нашата лична заштита. Ако ние, здравствените работници во аптеките не сме соодветно заштитени и ако само еден вработен во аптека се зарази, имајќи го предвид и моменталниот недостиг на кадар, аптеките нема да може да функционираат“,
се вели во отвореното писмо од Здружението.
Здружението ја поздравува мерката за затворање на сите јавни објекти и потенцира дека активно е вклучено во системот за спречување на ширење на епидемијата, но бараат насоки и за вработените и за граѓаните за тоа како да се однесуваат кога влегуваат во аптека.