Од ОЈО велат дека е известен јавен обвинител и дека обвинителството ќе постапи согласно надлежностите доколку органите во чија надлежност е откривањето на криминал утврдат елементи на кривично дело

Управата за финансиска полиција и Министерството за внатрешни работи влегоа во ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје, потврдија за МИА од Основното јавно ибвинителство (ОЈО) и од скопски „Водовод“.
Од ОЈО велат дека е известен јавен обвинител и дека обвинителството ќе постапи согласно надлежностите доколку органите во чија надлежност е откривањето на криминал утврдат елементи на кривично дело.
„Во овој момент обвинителството има консултативна и координативна улога и јавниот обвинител редовно се известува за преземените дејствија. Доколку органите во чија надлежност е откривањето на криминал утврдат елементи на кривично дело, обвинителството ќе постапи согласно своите надлежности“,
велат од ОЈО.
МИА денеска упати прашања и до Финансиската полиција и Кабинетот на градоначалничката на Град Скопје, но од нив до објавувањето на веста не доби одговор.
Веста дека Финансиската полиција е влезена во „Водовод и канализација“ утрово ја пренесе и градоначалничката Данела Арсовска во нејзиното телевизиско гостување во емисијата „Студио 10“ на ТВ24.
„Според мои информации, од вчера е влезена финансиска полиција и ОЈО за организиран криминал. Си постапуваат по допрен глас“,
рече Арсовска на прашањето дали институциите го испитуваат случајот по оставката на директорот Златко Перински за наводно своеволие во тендерот за пречистителна станица за повеќе од 100 милиони евра.
Засега од Финансиската полиција и од Министерството за внатрешни работи нема официјална потврда дали истрагата на нивните тимови во ЈП „Водовод и канализација“ е во врска со изнесените сомневања на градоначалничката Данела Арсовска за незаконски влијанија во милионскиот тендер за пречистителна станица.
Град Скопје неделава соопшти дека го разрешува в.д. директор на ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје, Златко Перински, поради самоволие и несоодветно постапување во постапка за милионски тендер.
По ова, оставки поднесоа и директорите на уште неколку јавни претпријатија коишто се под надлежност на Град Скопје.
