Полицискиот пункт, на кој се контролира влезот и излезот од подрачјето на двете општини во кои е прогласена кризна состојба, е поставен десет километри пред градот Дебар, на патот од Маврови Анови кон овој дел од земјава, јавува репортерот на „360 степени“ од терен.
Влез во кризното подрачје им е овозможено само на жителите на општините Дебар и Центар Жупа, кои во меѓувреме престојувале на друго место, на сопствен ризик и со сознание дека потоа нема да можат да го напуштат подрачјето.

На фотографијата на „360 степени“ се гледа камион паркиран покрај патот на кој полицијата најверојатно не му дозволува да го напушти контролираното подрачје.
Пред малку (13:50 часот), екипата на „360 степени“ регистрираше возило на итната медицинска помош кое беше пропуштено на излез од контролниот пункт.

Нема потврда дека во него се дел од четворицата новооткриени случаи за кои министерот Венко Филипче објави дека денеска ќе се транспортираат на Клиниката за инфективни болести во Скопје. Сите имаат блага клиничка слика, а меѓу нив е и 15-годишно момче.
*поврзана вест Првата заразена пациентка од Дебар е на апарати за дишење, меѓу вчерашните откриени случаи има и 15-годишно момче
*поврзана вест Спасовски: Првата ноќ во Дебар и Центар Жупа без инциденти и движење на населението