Да се почитуваат препораките за превенција од коронавирус, уште еднаш апелираше премиерот Оливер Спасовски порачувајќи дека самоизолацијата е клучна, пред сè, за оние граѓани кои се вратиле од подрачјата со висок ризик.
„Знам дека на сите нас не ни се допаѓа ако доаѓаме од Германија, Австрија, Италија или каде било и сакаме да излеземе да се видиме со другарите бидејќи многу долго време не сме се виделе, па да седнеме во кафуле. Меѓутоа, тоа е крајно неодговорно, да не се размислува за здравјето на својата фамилија, на пријатели и на целиот град. Едноставно имаше можност да се види во светот како бргу се пренесува вирусот. Ние кога одлучивме да ги затвориме кафаните, рестораните беше токму заради тоа, за да не се собираат луѓето навечер, секој смета дека ‘јас баш нема да бидам тој што ќе го пренесе вирусот’“,
рече Спасовски оценувајќи дека јавната свест не ни е на некое високо ниво.
Во таа насока тој го даде и примерот со синоќешното собирање на млади лица на Водно, па апелираше и до родителите за нивните деца да ги почитуваат мерките и да нема собири.
Спасовски уште еднаш објасни и што значи самоизолација.
„Кога говориме за самоизолација и дека е потребна самоизолација тоа значи дека лицето мора да се најде во својот дом, во посебна просторија која е одделена од другите членови на семејството, дека не смее да го напушта домот во тие 14 дена, дека треба да се зголеми нивото на хигиена и дезинфекција на просторијата каде е сместено, да има често проветрување, друго лице да му носи храна, да има посебен прибор“,
појаснуваше Спасовски.