Премиерот Оливер Спасовски во интервју за „360 Степени“ зборуваше за мерката на владата за ослободување од работа на еден родител на деца до 10-годишна возраст и различните толкувања во јавноста, најмногу во однос на тоа кој ќе ја исплаќа платата доколку вработен не доаѓа на работа поради ова.
„За реалниот сектор ова го препорачавме. Не донесовме одлука со којашто викаме во реалниот сектор мораме така да постапиме, ние препорачавме. Најголемиот дел од компаниите ги почитуваат овие мерки. Секако дека периодот до 24 март не е период којшто бара било каква мерка за тоа да се исполни. Едноставно, има повеќе методи и начини на коишто може да се организира работата во компаниите. Може да се воведе сменска работа, да имаме ослободување во еден дел од денот итн. Тоа е веќе на менаџирањето на компаниите“,
рече Спасовски.
Во однос на казните, Спасовски рече дека кај тие одлуки каде има прецизна забрана има и строги санкции.
„Идејата не е во вакви услови инспекторатите да одат и да казнуваат. Едноставно да работат превентивно со компаниите и тоа се случува на терен. Таму кадешто има основа и кадешто сериозно не се почитуваат одлуките за забрана, таму кадешто намерно се прават потези со коишто може да се предизвика поголема последица од ширењето на вирусот, се преземаат радикални мерки“,
рече Спасовски.