Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција ќе треба да си ја продолжи постапката за она што е наведено во анонимната пријава во врска со финансиската полиција и сметаме дека ова обвинителство треба да биде ослободено од влијанието на Русковска и таа да остане оддалечена од работата, изјави првиот човек на Советот, Јолевски
Во однос на содржината на жалбата на Русковска, Јолевски рече дека таа повеќе се однесувала на дисциплинската постапка што се води во дисциплинска комисија врз основа поднесок од јавниот обвинител. Советот на јавни обвинители, рече Јолевски, не одлучува за тоа и не се меша во работата на оваа комисија
Советот на јавни обвинители денеска на седница затворена за јавноста едногласно ја отфрли жалбата за суспензијата на обвинителката Вилма Русковска како неоснована.
Претседателот на Советот на јавни обвинители Антонио Јолевски рече дека Советот со ова го потврдува решението на републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески од 16 август годинава.
Со ова обвинителката Русковска останува суспендирана од својата функција.
„Ова беше тешка одлука. Имавме доста тешка работа кога се работи за ваков случај, многу ретко сме имале. После сето тоа оценивме дека за време додека се води кривична постапка за утврдување на фактичката состојба во врска со постапката по претресот во финансиската полиција, Русковска би требало да биде оддалечена од работата за да не влијае со своето присуство врз текот на постапката по тој предмет, а од друга страна и да се утврди фактичката состојба по кривичниот предмет по анонимната пријава. Тие два предмети пред сè се обусловени и поврзани, бидејќи Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција ќе треба да си ја продолжи постапката за она што е наведено во анонимната пријава и сметаме дека ова обвинителство треба да биде ослободено од влијанието на Русковска“,
Јолевски.
Тој смета дека поради ова Русковска треба да биде оддалечена од работното место и воедно додава дека ставот на Советот на јавни обвинители е дека целата постапка околу кривичната пријава брзо ќе се заврши и ова оддалечување нема да трае долго време.
Во однос на тоа што содржела жалбата на Русковска, Јолевски рече дека таа повеќе се однесувала на дисциплинската постапка која се води во дисциплинска комисија врз основа поднесок од јавниот обвинител. Советот на јавни обвинители, рече Јолевски, не одлучува за тоа и не се меша во работата на оваа комисија.
„Во оваа фаза, бидејќи се работи само за оддалечување од работа, не одлучуваме за одговорност, дали презела нешто незаконско, туку само дали имало незаконитости по конкретниот предмет. Овде не се работи за дисциплинска постапка, иако јавниот обвинител доставил и дисциплинска постапка, а тоа ќе си го цени дисциплинската комисија. Ако до нас дојде одлука за разрешување, тогаш ќе одлучуваме, но да не прејуддицираме“,
рече Јолевски образложувајќи зошто е одбиена жалбата на Русковска.
Како причина за, како што ја нарече, непријатната состојба, според Јолевски, довела несоработката меѓу основен јавен обвинител за гонење организиран криминал и јавниот обвинител.
„До денеска јавниот обвинител нема добиено информација за сè што се случувало со претресот ниту доказите, освен она што е утврдено при надзорот. Би требало, согласно задолжителното упатство за секој настан, за секој пријавен случај што би бил од интерес за јавноста, Основното обвинителство е должно да го извести јавниот обвинител, не за да се меша, туку за координација и да биде запознаен. Тоа го наметнува хиерархијата, а во овој случај изостанало тоа. Се работи за меѓу институционален судир – од една страна финансиската полиција и од друга страна Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција. Значи, наместо соработка дошло до судир и затоа ЈО требало да биде известен, а овде се настапувало самостојно и затоа е таквата постапката“,
објасни Јолевски.
Седницата на Советот на ЈО, за време на дискусијата по жалбата на Русковска, беше затворена за јавноста за, како што појасни претседателот на Советот Јолевски, заштита на интегритетот на сите јавните обвинители и предметите, кои се дел од списите.
Советот на ЈО работи со осум од 11 члена бидејќи двајца се пензионирани и сè уште нема избрано нови, а обвинителот Љубомир Јовески не присуствуваше поради конфликт на интереси.
Републичкиот јавен обвинител Јовески, врз основа на член 81 од Законот за јавното обвинителство, минатата недела донесе Решение за оддалечување од функцијата на шефицата на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција Вилма Русковска додека трае кривичната постапка поведена по поднесената пријава од Арафат Муареми за претресот на 18 јули во Управата за финансиска полиција.
Обвинителката Вилма Русковска минатата недела поднесе жалба за одлуката за нејзината суспензија до Советот на јавни обвинители. Со жалбата, како што појасни Русковска, таа ги побива наводите во решението и „ова го смета за суспензија на правото и суспендирање на правдата“.