Турското Министерство за одбрана соопшти дека два брода со житарици испловиле од украинското пристаниште Черноморск, а се очекува да пристигнат во Истанбул каде ќе им биде извршена инспекција.
Украинскиот извоз на жито е во пад од почетокот на војната поради затворање на црноморските пристаништа, клучен канал за испорака, што ги зголеми глобалните цени на храната и предизвика страв од недостиг во Африка и на Блискиот Исток.
Минатиот месец три црноморски пристаништа беа одблокирани, по договорот на Москва и Киев, постигнат со посредување на Обединетите Нации и Турција. Тоа овозможи да се испратат стотици илјади тони украинско жито на купувачите. Претходно, транспортот на житарици од Украина преку Црното Море беше невозможен, поради руската воена блокада.
Испораките ги надгледува заедничкиот координативен центар во Истанбул, во кој учествуваат претставници од ОН и од трите земји, а од потпишувањето на договорот до денес 17 бродови веќе ги напуштиле украинските пристаништа извезувајќи над 475 000 тони земјоделски производи.