Сите закажани судења за кои постојат услови да бидат одржани, нема да се одлагаат, сè до евентуално нови упатства од Министерството за правда или Судскиот совет, соопшти Основниот кривичен суд Скопје.
Заради заштита на правата на обвинетите и оштетените во сите постапки, Судот апелира дека какви било злоупотреби на препораките за заштита од коронавирусот со единствена цел одолговлекување на судењата нема да се толерираат и строго ќе се санкционираат.
Во соопштението Кривичен ги известува граѓаните дека, согласно препораките на Владата за спречување на ширење на коронавирусот, како и заклучокот на Министерството за правда, судот доследно ги почитува препораките и ги презема сите мерки за заштита на
вработените и странките што се движат во рамки на судот.
За таа цел сите вработени што изминатиот период биле надвор од земјата, како и сите бремени жени, хронично болни, како и родители на деца помали од 10 години, кои побарале ослободување, се ослободени од работа.
Судниците, шалтерите, ходниците, лифтовите и тоалетите секојдневно се чистат и дезинфицираат од службите за одржување.
Судот, исто така апелира и до сите граѓани што се јавуваат како странки во постапки или имаат каква било достава или барање до судот, како и сите обвинители, вештаци, сведоци, полициски службеници, претставници на невладините организации и медиумите и пред сè адвокатите кои најчесто доаѓаат на судот, совесно да се однесуваат и да се водат по препораките на Владата.
Доколку некој адвокат, обвинител, вештак или сведок во постапка изминатиот период бил во земји што се од висок ризик на зараза или препорачана им е самоизолација – за нивната спреченост, со прилог соодветна документација за спреченоста, електронски да го известат судот.
*Поврзана вест
Тројца судии од Граѓанскиот суд во самоизолација, но не се одлагаат сите рочишта