Фингираните анкети, исто како и референдумот служат единствено за лична внатрепартиска употреба на Мицкоски, велат од СДСМ
СДСМ со соопштение реагира на денешната анкета од ИПСОС, објавена од ВМРО-ДПМНЕ, а со која се покажува поддршка за ВМРО-ДПМНЕ од 19,7 отсто, а за СДСМ од 9,5 отсто.
„Христијан Мицкоски доживеа дебакл со своите лаги и деструкции, со обидите да ја дестабилизира државата со крвави сценарија и да ја закочи на европскиот пат. Тој денеска е изолиран и осамен, освен проруската Левица на Димитар Апасиев, сите други па дури и коалициски партнери му го свртеа грбот на Мицкоски. Затоа денес Мицкоски нарачува анкети за да си го билда сопственото его и за да ја задржи фотелјата во Белиот дворец“,
се наведува во соопштението од владејачката СДСМ.
Фингираните анкети, додаваат од СДСМ, исто како и референдумот служат единствено за лична внатрепартиска употреба на Мицкоски.
„Ништо не може да го скрие фактот дека Мицкоски кој самиот се прогласи за анти ЕУ политичар работи на штета на државните и националните интереси“,
додаваат од партијата на власт.
Инаку, најновата теренска анкета на ИПСОС, според соопштението од ВМРО-ДПМНЕ, е спроведена од 1 до 18 јули, што беше период на политички тензии и протести во земјава по објавувањето на т.н. француски предлог, а во пресрет на усвојувањето на заклучоците од Собранието (16 јули 2022 г.).