Најновите податоци се дека вкупниот број на заразени достигна 129 306 луѓе
Според најновите податоци, во светот досега се регистрирани 129 306 луѓе заразени со новиот коронавирус и тој бој постојано се зголемува. Починати се 4 751, а оздравеле 68 647.
Состојбата во светот на 126 територии се следи во живо на канал Јутјуб.
Кинеските власти објавија дека врвот на епидемијата на новиот коронавирус во Кина помина и бројот на новозаразени продолжува да опаѓа. Владата во Пекинг оцени дека пандемијата во светот би требало да заврши до јуни.
За разлика од Кина, која се смета за жариште на пандемијата, во Европа ситуацијата и натаму е загрижувачка поради порастот на бројот на заразени, но и починати.
Австрија го регистрира првиот смртен случај од епидемијата – маж на возраст од 69 години кој престојувал во Италија. Досега се регистрирани 302 потврдени случаи.

Австрискиот канцелар Себастијан Курц денеска во обраќањето пред Долниот дом на австрискиот парламент изјави дека за една недела се очекува бројот на заразени со новиот коронавирус во Австрија да надмине 10 000 луѓе.
Прв смртен случај е пријавен и и во Полска.
Градоначалникот на Кодоња, италијански град во кој беа регистрирани првите случаи и се смета за епицентар на почетокот на епидемијата, изјави дека се близу до победа над вирусот.
Министерка во шпанската влада задолжена за еднаквост е заболена од ковид-19.
Повеќе европски земји презедоа поригорозни мерки за спречување на ширењето на вирусот.
Ирска одлучи од утре да ги затвори училиштата, факултетите и други јавни установи, додека Хрватска преку третата програма на јавниот сервис започна со онлајн-лекции за деца од прво до четврто одделение.

Во Албанија се прекинати автобуските линии меѓу Тирана и Драч, додека Србија одлучи привремено да затвори 44 гранични премини.
Словенечкиот премиер Марјан Шарец соопшти дека во државата и службено е прогласена епидемија. Во земјата се регистрирани 82 случаи на коронавирус.
Во Австралија дезинфицирана е зградата на операта во Сиднеј бидејќи актерот Том Хенкс и неговата сопруга, кои објавија дека се заразени со вирусот, престојувале таму.
Американскиот претседател Доналд Трамп потпиша одлука за забрана за влез на државјани од 26 европски земји во следните 30 дена со цел да се запре ширењето на новиот коронавирус.
Во Црна Гора е уапсено лице кое ширело лажни вести за коронавирусот.

Москва соопшти дека руско-европската мисија на Марс е одложена до 2022 година поради ковид-19, а Советот на ОН за човекови права откажа одржување сесија.
Фудбалските и кошаркарските тимови на Реал Мадрид се во карантин поради позитивен тест на коронавирусот на еден од кошаркарите.
И тимот Мекларен во Формула 1 соопшти дека се повлекува од трката за Големата награда на Австралија поради член на тимот кој заболел од новиот коронавирус.
*Поврзана вест