Ќе следат консултации и со коалиционите партнери во коалицијата, така што мислам дека ќе се катализира едно прашање таму околу почетокот на септември, истакна Мицкоски.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во гостување на Канал 5 ТВ, кажа дека тој лично, не е разочаран од ставовите на претседателот Стево Пендаровски за референдумското изјаснување за рамката, бидејќи како што истакна, неговото мислење воопшто не му значи, и единствено го чекал денот кога претседателот ќе ретерира и ќе направи како што кажа „салто мортале“.
Лидерот на најголемата опозициска партија, Мицкоски, вели дека бил изненаден од првичниот став на првиот човек на државата, но сепак очекувал тој наскоро да ги промени своите позиции во однос на ова прашање.
„Го чекав тој ден кога ќе добие насока практично од државник се претвори во послушник и ќе се врати на оригиналните позиции кои што ги имаше пред да го даде тоа интервју во еден неделен весник кој што навистина не знам како успеал да му протне таков став. Но еве се корегираше, па да сумирам би бил разочаран од некој чии што став ми значи. Но имајќи во предвид дека неговиот став воопшто не ми значи можам да кажам дека не само што не сум разочаран, туку уште еднаш на отворена сцена пред граѓаните кажа колку погреши“,
кажа Мицкоски.
Ваквите изјави на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ доаѓаат по вчерашното интервју на Пендаровски за Канал 5 ТВ во кое кажа дека нема никакво разбирање на барањето на ВМРО-ДПМНЕ за референдум и дека станува збор за манипулација која Христијан Мицкоски ја прави прилично неочекувано.
Претходната недела, пак, кога Мицкоски изјави дека е „пријатно изненаден“, шефот на државата во интервју за „Фокус“ даде предлог за референдумското прашање порачувајќи ѝ на опозицијата дека треба да излезе со чесна формулација на прашањето, а на останатите партии дека во таков случај не треба да го бојкотираат евентуалниот референдум.
- Пендаровски за „Фокус“: Чесно е референдумското прашање да гласи „Дали сакате да одите во ЕУ под вакви услови?“
- Мицкоски пријатно изненаден од Пендаровски за референдумот: По подолго време сме на иста бранова должина
- Пендаровски вели оти не го разбира барањето на ВМРО-ДПМНЕ за референдум: Станува збор за манипулација која ја прави Мицкоски
Зборувајќи за референдумот во денешното интервју, Мицкоски рече и дека сите се залагаат за Македонија да биде дел од Европската Унија, но се поставува прашањето дали Пендаровски и Ковачевски имаат кредибилитет да разговараат во името на граѓаните и да потпишуваат договори во името на Македонците и затоа е потребен референдум.
„ На референдумот очекуваме граѓаните да излезат и да гласаат, но се уште трае процесот на консултации. Од тоа што сум информиран од пратениците е дека Собранието е на годишен одмор до 30-ти август така што периодов ќе го искористиме за дополнителни консултации кои траат со ескпертите и луѓето од фелата. Ќе следат консултации и со коалиционите партнери во коалицијата, така што мислам дека ќе се катализира едно прашање таму околу почетокот на септември“,
вели Мицкоски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ вели дека според Уставот, постојат два начини за распишување на референдум, а на кој начин ќе го одберат ќе се знае кога ќе завршат сите консултации.
„Според Уставот, има два начини за распишување референдум. Едниот е со 30 пратеници, а другиот со собирање на 150 000 потписи со дефинирано референдумско прашање преку канцелариите на Министерството за правда. Кој од двата начина ќе го одбереме, ќе видиме кога ќе ги завршиме консултациите“,
вели Мицкоски.
Прашан дали ќе се откажат од референдум бидејќи нема консензус од другите политички партии, но и за изјавата на премиерот Ковачевски дека барањето на ВМРО-ДПМНЕ е нерелевантно, тој вели дека нема да се откажат бидејќи народот е најрелевантен да одлучи за својата иднина, а за ставовите на премиерот кажа дека само на нелегитимен премиер му е нерелевантно мислењето од народот и доколку тој бил избран од страна на народот, неговото мислење ќе беше релевантно.
„ Само народот е владател на својата држава. Ниту Христијан, ниту Пендаровски, ниту Коваченвски, ниту Ахмети, ниту Села, ниту Касами, никој од нас не е, туку народот е стопан на својата држава и тој треба да одлучи“,
вели Мицкоски.