Лидерот на опозициската партија изјави и дека очекува претседателот потоа да ги повика и останатите партии во Македонија да излезат на референдум
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вели дека по подолго време слушнал нешто разумно од претседателот на државата, Стево Пендаровски, и дека конечно се наоѓаат на иста бранова должина за некое прашање. Како што рече, пријатно е изненаден што шефот на државата има позитивен став за референдумското изјаснување.
Изјавата на Мицкоски доаѓа откако претседателот даде предлог за референдумското прашање порачувајќи ѝ на опозицијата дека треба да излезе со чесна формулација на прашањето, а на останатите партии дека во таков случај не треба да го бојкотираат евентуалниот референдум.
„Морам да признаам дека после подолго време за прв пат можеби сме на иста бранова должина со Пендаровски, во таа насока и јас размислувам да излезам со формулација на прашањето пред Извршниот комитет, но и пред граѓаните. Но и очекувам Пендаровски потоа да ги повика и останатите политички партии во Македонија доколку таа биде суштината на прашањето и да излезат на референдум“,
изјави денеска Мицкоски од Кавадарци одговарајќи на новинарски прашања.
Во врска со референдумот, пак, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ порача дека тоа е највисок чин на демократијата во една држава и преку него граѓаните треба да одлучат дали сакаат, како што вели, да имаат европска иднина како асимилирани бугаризирани и под диктат или, пак, како горди и достоинствени.
„Европската иднина и желбата на граѓаните, но и на политичките субјекти никогаш не било под знак прашање и немало дилема, туку само патот. Е, сега за жал оваа криминална Влада за да практично добие условно амнестија од меѓународната заедница за криминалот којшто го прави, нема проблем да распродава и да удоволува на определени бирократи во нивните барања. Но, мислам дека се движиме во правилна насока и еве ова што го кажа и Пендаровски во таа насока да дадеме на граѓаните можност да одлучат каква да биде нивната европска иднина, дали ваква каква што ја нуди власта на СДСМ и ДУИ, или горда и достоинствена“,
рече Мицкоски.
Ставот за референдумот претседателот Пендаровски го кажа во интервју за неделникот „Фокус“ велејќи дека чесно е прашањето да гласи: „Дали сакате да одите во ЕУ под вакви услови?“.
„Колку што разбирам, прашањето нема да биде за уставните промени, туку ќе биде за билатералниот договор со Бугарија и зошто тој влегува внатре. Ако некој не разбира дека овој билатерален договор, а и со Грција, се оската по која ние продолжуваме кон Европа, и сака тоа да го нема, почесно е референдумското прашање да гласи: „Дали сакате да одите во ЕУ под вакви услови?“. Без спомнување договори, точки … Опозицијата треба да излезе со чесна формулација и ако е такво прашањето, сите партии треба да излезат на референдум, а не да бојкотираат“,
рече Пендаровски.
Шефот на државата посочи и дека во таква ситуација треба да се сменат и правилата со цел референдумот да се смета за успешен ако позитивно се изјасниле мнозинство од оние што излегле да гласаат, без разлика дали на гласање излегле над 50 отсто од гласачите.