Палењето документи во пленарна сала, туркањето на луѓето во насилство и поттикнувањето омраза не носат ништо, само штета, порачува еврокомесарот кој пораки со критички тонови кон македонската опозиција минатата недела упати и на прес-конференција во Брисел
Еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји, во ексклузивно интервју за Еуроактив зборувајќи за отворањето на преговорите со ЕУ на Северна Македонија и Албанија упати критики за македонската опозиција велејќи дека биле поминати основните демократски црвени линии во однос на дејствувањето против францускиот предлог.
Еуроактив во текстот констатира дека по решавањето на долгогодишниот спор на Северна Македонија со Бугарија, Албанија ги започна преговорите, додека за Скопје наведува дека дел од процесот ќе биде и вклучување на Бугарите во Уставот меѓу останатите народи за што е потребен консензус во Собранието кој во моментов го нема. Ова, потсетува медиумот, ја поттикна националистичката опозиција со денови да организира протести во Скопје за кои Вархеји оценува дека биле поминати црвените линии. Како пример, тој го наведува и тоа што листови хартија со францускиот предлог беа палени на собраниската говорница од страна на пратеници на опозицијата.
„За Северна Македонија ова треба да биде момент за отрезнување, и за опозицијата. Палењето документи во пленарна сала, туркањето на луѓето во насилство и поттикнувањето омраза не носат ништо, само штета. Постојат многу јасни граници за европскиот начин на водење политика, многу јасни граници за цивилизираната политика, а моја процена е дека многу од тие црвени линии беа поминати од опозицијата“,
вели Вархеји.
Ова не е првпат еврокомесарот кој доаѓа од Унгарија и чија матична партија е Фидес на унгарскиот премиер Виктор Орбан која има исклучително блиски односи со ВМРО-ДПМНЕ, да ја критикува македонската опозиција.
Унгарскиот еврокомесар пораки со критички тонови упати и на прес-конференцијата во Брисел на 19 јули по одржувањето на првата меѓувладина конференција на Северна Македонија со ЕУ велејќи дека се надева оти и опозицијата отсега ќе работи за европската иднина и нема да почне со контроверзии. И тогаш Вархеји рече дека во дебата за францускиот предлог забележал дека се преминале европските вредности и на ВМРО-ДПМНЕ ѝ порача: „Ги читав изјавите на опозицијата и тие секогаш тврдат дека се посветени да се случи ова членство, е па ајде да го докажеме тоа“.
„Кој испорача прв, треба и прв да се приклучи во ЕУ“
Во интервјуто за Еуроактив, еврокомесарот зборува и за понатамошниот преговарачки процес и забележува дека Албанија покажала вистинска солидарност со Северна Македонија, како и зрелост со тоа што имала разбирање дека земјите-членки на ЕУ сакаат да ги видат и Скопје и Тирана да одат напред. Но, сега, како што се наведува, Албанија може да продолжи сама.
Кој прв испорача, вели Вархеји, прв треба и да се приклучи во ЕУ.
„Целиот процес на проширување се заснова на заслуги и сега трката е во тек, кој и да испорача прв, треба да има право да се приклучи прв“,
смета еврокомесарот.
Во интервјуто тој порачува дека ако земјите кандидатки испорачуваат брзо, ЕУ е подготвена да се движи бргу при што потенцира дека Европската комисија (ЕК) веднаш го започнала и процесот на скрининг.
„Сега треба да работиме многу, многу напорно за земјите кандидати да можат да ги забрзаат нивните подготовки и нивната вистинска интеграција“,
вели Вархеји.
„Војната на Русија против Украина ја отрезни дебата за проширувањето на ЕУ“
Еврокомесарот во разговорот со Еуроактив оценува и дека руската војна против Украина ја отрезнила дебата околу процесот на проширување на ЕУ и ја покажала потребата за забрзување на процедурите.
Покрај отворањето на преговорите со Северна Македонија и Албанија, околу прашањето за проширување ЕК претходно им додели кандидатски статус на Украина и Молдавија, а ваквите поместувања според Вархеји можеби се и единственото добро од војната.
„Можеби тоа е единственото позитивно влијание на руската војна во Украина бидејќи ја отрезни дискусијата околу проширувањето, како и капацитетот за апсорпција на ЕУ. Ние европејците, сега не само што сфаќаме, туку сме подготвени да го исполниме тоа. Европа нема да ужива безбедност, стабилност и просперитет без Западен Балкан да биде целосно интегриран“,
вели Вархеји.
Photo: EPA-EFE/FRANCISCO SECO / POOL