Спречен пожар од поголеми размери помеѓу делчевски Стар Истевник и пехчевското село Панчарево. Како што информира пожарникарот Јонче Атанасовски, пожарот е локализиран, а интервенцијата се одвивала по непристапен терен, во густа борова шума.
„Во пожарот опфатена е површина од еден хектар. Првично е интервенирано со три пожарникари, еден доброволец од ДПД ‘Волонтер’ од Делчево и едно лице од месното население. Потоа се приклучија и пет лица од пехчевското доброволно друштво и од комуналното претпријатие“,
вели Атанасовски.
Делчевскиот пожарникар информира дека пожарот целосно е локализиран вечерва околу 19 часот.
Во Делчевско во изминатите шест дена пожарникарите интервенираа на три пожари во шумски предели и еден во станбен објект. Најмногу штета предизвика пожарот кај месноста Енѓовски колиби помеѓу Тработивиште и Разловци во кој изгоре околу 50 хектари дабова и борова шума.