Според „Ројтерс“, војната досега однела најмалку 47,000 човечки животи а уште 13,000 биле повредени. Раселени се 17 милиони луѓе, една третина од населението на Украина. Штетите на инфраструктурата се проценуваат на 600 милијарди долари.
На 24 февруари, или пред точно пред пет месеци, Русија ја нападна Украина. Големината и воената моќ на двете земји, особено Русија, веднаш ја направија оваа војна најголема на европско тло по Втората светска војна. Западот и други високо-развиени држави веднаш ја осудија Русија и во неделите и месеците што следеа прво воведоа санкции кон Москва, а потоа некои држави се согласија и воено да ја помогнат Украина. Русија доби премолчана поддршка од своите традиционални партнери, но не и воена помош.
Москва ја почна инвазијата амбициозно, обидувајќи се уште од првиот ден да го заземат главниот град на Украина, Киев, паралелно со нападите од југ (Крим) и од неколку позиции од исток. Одбраната на Киев не попушти, а Русија изгуби бројни тенкови, војници и други возила само за да стигне до предградијата на речиси 3 милионскиот град. Откако заглавија подолго време на влезовите на градот, руските сили се откажаа од Киев и се фокусираа на фронтовите каде имаа успех од почетокот.
Пет месеци подоцна
Украина е втората најголема држава во Европа со 603,500 км2. За споредба, Северна Македонија се простира на 25,713 км2. Ја споменуваме површината на двете држави затоа што според украинскиот претседател, Володимир Зеленски, Русија контролира околу 20% од украинската територија. Во бројки, тоа е околу 120,000 км2 или нешто повеќе од четири и пол пати повеќе површина од таа на земјава.
Интернет изданието на весникот „Њу стејтмен“ изработи и интерактивна мапа на која може да го пресликате окупираните делови на Украина на територијата на која живеете, за да се добие впечаток – за колкави пространства се работи. Во нашиот случај, како што покажува сликата подолу, територијата која ја окупира Русија е еднаква на безмалку цела Албанија и Северна Македонија, половина Бугарија, делови од Романија и од Грција.

Површината која сега ја контролира Русија, сепак, не е освоена само во последните пет месеци. Во неа влегува и Крим и деловите од Доњекц и Луганск (покраини во источна Украина кои се граничат со Русија) кои Киев ги загуби уште во 2014 година.
Во моментов, според податоците на Британското министерство за одбрана и други извори на кои се повикува Би-би-си, состојбата на терен е како на сликата на подолу. Со црвена боја се териториите кои ги контролира Русија, со црвени стрелки се поголемите движења на руските сили а со црвено-бело се означени местата каде руските сили бележат напредок. И обратно, со виолетова боја се локациите каде Украина успеала да порати дел од територијата, додека со виолетови стрелички се прикажани поголемите движења на украинската армија.

Институтот за проучување на војната, тинк-тенк организација која на дневно ниво ги следи случувањата, во последниот извештај известува за неколку клучни движења:
- Украинските сили веројатно се подготвуваат за контра-офанзива во реонот на Херсон. Последните информации од теренот од повеќе извори се дека Украина успеала да поврати повеќе села во околината на стртешки важниот град, кој води до Одеса.
- Руските сили бележат ограничен успех во операциите источно од Бахмут и продолжуваат со дејствија со помал интензитет во северозападно од Словјанск.
- Русија продолжува да креира баталјони од доброволци, веројатно со цел да имаат 16 такви баталјони до крајот на јули.
- Руските окупациски сили продолжуваат со подготовските за референдум за анектирање на окупираните подрачја во Руската федерација.

Или, пет месеци од стартот на војната, предвидувањата и актуелната состојба на терен се дека Русија нема моќ или волја да зазема нови големи пространства од Украина, без големи загуби кои се чини не може да си ги дозволи. Украина, од друга страна, веројатно ќе се обиде да ослободи дел од веќе окупираните територии со новото западно одружје кое доаѓа во земјата.
Според „Ројтерс“, војната досега однела најмалку 47,000 човечки животи а уште 13.000 се повредени. Раселени се 17 милиони луѓе, една третина од населението на Украина. Штетите на инфраструктурата се проценуваат на 600 милијарди долари.