Денес е време на определување, кој е со Европа, кој е против, кој е со НАТО, а кој против, кој се усогласува со евро-американските сили, а кој со проруските, велат од ДУИ
Вашингтон, Брисел, Берлин, Париз, Рим, Лондон и сите главни градови на евроатлантските земји високо ја ценат храброста на прогресивните сили што ја водат земјата, велат од ДУИ во соопштение до јавноста по вчерашното гласање на заклучоците за францускиот предлог во Собранието и неговото прифаќање од владата.
„ДУИ ги поздравува позитивни реакции на целиот демократски свет за историската одлука ’за‘ францускиот предлог донесена од Собранието на Северна Македонија, кој ја запечати идеолошката ориентација на земјата без друга алтернатива, онаа за интеграција во Европската Унија. Неколкуте неистомисленици, ВМРО и Левица, остануваат изолирани и обединети во духот на регресивните проруски сили“,
велат од партијата.
Од ДУИ оценуваат дека огромно мнозинство од граѓаните не се идентификувале со руската агенда, не потпаднале на измами, провокации и не ги поддржале протестите што сакаа да ја вратат земјата наназад и да ја сменат нејзината стратешка ориентација.
„Денес е време на определување, кој е со Европа, кој е против, кој е со НАТО, а кој против, кој се усогласува со евро-американските сили, а кој со проруските. Нема сива зона, нема недефинирано. Демократската унија за интеграција смета дека огромно мнозинство граѓани ги поддржуваат евро-американските прогресивни сили и нема да дозволиме отстапување од евроатлантскиот курс на земјата“,
порачуваат од ДУИ.
Меѓу претставниците на меѓународната заедница кои вчера го поздравија гласањето во Собранието, беше политичкиот врв на ЕУ, САД, Франција, Германија … Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел порача дека вчерашното гласање го поплочува патот за првата меѓувладина конференција веќе наредната недела, а со слична порака излезе и претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен. Со гласањето рече таа, се овозможува брзо отворање на преговорите. Според Лајен, ова била историска можност и Северна Македонија ја искористила.
И еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји, вчера се огласи на социјалните мрежи. Се радуваме, рече тој, на отворањето на пристапните преговори во вторник, кога ќе се сретнеме во Брисел на првата меѓувладина конференција.
Гласањето за заклучоците за францускиот предлог во македонското Собранието, вчера по поздрави и претседателот на Франција, Емануел Макрон. Франција, порача тој, ќе застане покрај Северна Македонија за време на првата меѓувладина конференција.
Германскиот канцелар Олаф Шолц рече дека гласањето во парламентот го отвори патот за преговори и порача дека ги сакаат Северна Македонија и Албанија за членки во ЕУ.
Со писмена изјава вчера излезе и американскиот државен секретар Ентони Блинкен. Во изјавата тој наведе дека САД ги препознаваат тешките размени кои се направени со овој компромис, но кој ги признава и почитува културниот идентитет на Северна Македонија и македонскиот јазик. Одлуката на македонското Собрание, според него, дојде во критичен момент за Северна Македонија, Западен Балкан и Европа.