Амбасадор на Европската Унија во земјава, Дејвид Гир, се приклучи на реакциите по денешната редовна прес-конференција на Европската комисија на која портпаролката Дана Спинант, одби да даде прецизен одговор дали Европската Унија го признава македонскиот јазик.
Претставникот на ЕУ во Скопје на својот Твитер профил напиша:
The President of the Commission was very clear yesterday and has repeated it now
— EU Ambassador David Geer (@AmbassadorEU) July 15, 2022
„Претседателката на Европската комисија вчера беше многу јасна и денеска го повтори истото“,
напиша Гир на Твитер.
Во својот „твит“ евроамбасадорот Гир ја сподели најновата реакција и на претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен. И таа предмалку се обрати преку социјалната мрежа Твитер со пораката:
„Не смее да има сомнеж дека македонскиот јазик е ваш јазик. Ние целосно го почитуваме тоа“,
напиша претседателката на ЕК на твитер објавувајќи краток дел од вчерашниот нејзин говор во македонското Собрание.
There can be no doubt that the Macedonian language is your language. We fully respect that. https://t.co/YcFx63cBJZ
— Ursula von der Leyen (@vonderleyen) July 15, 2022
Серијата реакции ја предизвика портпаролката Дани Спинант која на дополнително прашање, дали вчерашната изјава на Фон дер Лајен значи дека Европската комисија го признава јазикот како македонски, рече дека не сака да се впушта во интерпретација на сите синоними во изјавите на претседателката на ЕК.