За седуммина од обвинетите судот во текот на претходна постапка определи мерка куќен притвор, додека за петмина беше определена мерка притвор. Со цел да се обезбеди присуството на обвинетите во текот на постапката, надлежните јавни обвинители денеска до судот доставија и предлози за продолжување на вака определените мерки
Основното јавно обвинителство Скопје денеска до надлежниот суд поднесе обвинителни предлози против вкупно 12 лица, од кои 9 се обвинети за кривично дело „учество во толпа што ќе изврши кривично дело“, од член 385, став 1 од Кривичниот законик, а три лица се гонат за „предизвикување општа опасност“ согласно член 288, став 3, во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Според обвинителството, за време на јавен собир на граѓани, на 5 и 6 јули, деветмина обвинети учествувале во толпата што изврши кривично дело – насилство пред Собранието на Република Северна Македонија.
„Тие со камења, бекатон плочки, железни предмети, сообраќајни знаци, корпи за отпадоци и пиротехнички средства фрлале кон полициските службеници распоредени во полициски кордон за заштита на зградата на Собранието. Притоа, на еден полициски службеник му била нанесена тешка телесна повреда, а 26 полицајци се здобиле со телесни повреди. Обвинетите причиниле штета на Собранието во вкупен износ од 576 665 денари, оштетиле полициска опрема и едно полициско возило Шкода Јети“,
соопштија оттаму.
Обвинителен предлог е поднесен и против двајца скопјани, на возраст од 18 и 26 години, кои, според обвинителството, предизвикале значителна опасност за животот и телото на луѓето на место каде што биле собрани поголем број луѓе. Едниот обвинет подготвил „молотов коктел“, ставајќи бензин и парче ткаенина во стаклено шише, по што општо опасното средство го подал на другиот обвинет кој го фрлил кон поставениот кордон од полициски службеници.
За предизвикување општа опасност се гони 40-годишниот скопјанец, за кој обвинителството смета дека на 6 јули, на платото пред плоштадот „Скендербег“, со пиштол марка Волтер модел Р 99 со калибар 9х19 мм, кој го поседувал со дозвола, предизвикал значителна опасност за животот или телото на луѓето. За време на движењето на групата граѓани кои учествувале на јавниот собир, обвинетиот во два наврати испукал по два куршума во воздух.
Станува збор за Цуфи Кока, сопственик на хотел близу плиштадот, а неговата фотографија прв ја објави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, тврдејќи дека тоа лице вечерта требало да го убие него.

Кока е член на Алијанса на Албанците. Потпретседателот на партијата, Арбен Таравари, кажа дека не оправдува носење оружје, но посочи оти ден претходно демонстрантите го демолирале хотелот на Кока. По инцидентот со пиштолот на 6 јули, градоначалничка на Скопје, Данела Арсовска, веднаш го разреши в.д. директорот на Комунална хигиена, Зуди Енузи, кој е брат на Цуфи Кока. Тоа беше повод и за Алијанса за Албанците да ја прекине соработката со ВМРО-ДПМНЕ.
Инаку, за седуммина од обвинетите судот во текот на претходна постапка определи мерка куќен притвор, додека за петмина беше определена мерка притвор. Со цел да се обезбеди присуството на обвинетите во текот на постапката, надлежните јавни обвинители денеска до судот доставија и предлози за продолжување на вака определените мерки.